Преподобен Бенедикт
Роден е во Нурсиската област во Италија во 480 година од богати и угледни родители. Не се задржа долго по школите, зашто брзо увиде дека заради книшкото учење може да го изгуби „големиот разум на својата душа“. Од училиште излезе како „ ненаучен мудрец и разумен незнајко“. Побегна во еден манастир, каде прими монашки чин од монахот Роман и се повлече во една недостапна гора, па остана во една пештера трудејќи се околу својата душа повеќе од три години. Роман носеше леб и го спушташе со јаже од една стрмна карпа до влезот на пештерата на Бенедикт. Кога се прочу по околината, за да ја избегне човечката слава побегна оттаму. Беше многу суров кон себе. Еднаш кога го спопадна демонот на блудот, се соблече гол и се валкаше по коприви и трња с ? дури не отстрани од себе секаква помисла на жена. Бог му даде многу духовни дарови: беше проѕорлив, исцелуваше болни, изгонуваше демони, воскреснуваше мртви, им се јавуваше на луѓето и на јаве и на далечина и во сон. Еднаш проѕре дека чашата со вино што му ја дале е отровна. Ја прекрсти и таа пукна. Устрои дванаесет манастири, во секој од нив по дванаесет монаси. Подоцна се создаде посебен ред на бенедиктинци, којшто и денес постои во Римската црква. Шест дена пред смртта нареди да го отворат неговиот гроб, кој беше подготвен отпорано бидејќи светителот го провиде својот крај. Ги собра сите монаси, ги посоветува и Му го предаде својот дух на Бога, Кому верно Му послужи во сиромаштија и во чистота. Неговата родена сестра Схоластика живееше во еден женски манастир и по примерот на својот брат и самата се подвизуваше тврдо и достигна големо духовно совршенство. Кога Свети Бенедикт ја испушти својата душа, двајца монаси, едниот на пат а другиот во една оддалечена келија, молејќи се видоа истовремено исто видение: пат од земјата до небото послан со скапоцени ткаенини и по страните осветлен со редици луѓе; на врвот од патот стоеше еден човек со неискажлива убавина и блесок, кој им рече дека патот за Бенедикт, кој Му е омилен на Бога, е подготвен. Од ова видение двајцата браќа дознаа дека нивниот игумен замина од овој свет. Свети Бенедикт се упокои во 543 година.
Тропар
Угодниче на Христа Бога Бесмртниот, свети оче Бенедикте, славен подвижниче, велики ревнителе, ангелски живот на земјата имајќи, пример за воздржание на мнозина им постана, моли се за нас ти, свети проѕорливче, еден пред друг да се смируваме, да трпиме, да простуваме и по твоите свети молитви пред Христа очистени да се претставиме.
Свети Евсхимон, епископ Лампсакиски
Во времето на иконоборството претрпе гонење и затвор. Се упокои за време на царот Теофил иконоборец (829 г. – 842 г.).
Тропар
Покорувањето на духовите не го сметаше за височина, о Евсхимоне, преподобен учителе,
туку поучувајќи се од Христа, на подвигот подвиг додаде и со благодатта Негова на сите с? им постана, упатувајќи ги спасоносните молби кон височините. Радувај се, исповедниче, кој Иконата од вековите пред секого во вистината ја принесуваше и за нас моли се во неа да останеме.
Свети Теогност, митрополит Киевски
По потекло Грк. Преемник на Св. Петар Киевски. Многу страдаше во монголската орда од Џинибек. Неговите луѓе, Русите, го наклеветија кај монголскиот цар дека не плаќа кај царот никаков данок за својот чин. Кога царот го повика и го праша за тоа, тој одговори: „ Христос, нашиот Бог, Својата Црква ја искупи од незнабожците со Својата чесна крв. Зошто сега би им плаќале данок на незнабожците?“ Најпосле некако се ослободи и се врати дома. Се упокои во Господ во 1353 година.
Тропар
Откупен со крвта на Јагнето, безазленост покажа кога и од своите беше предаден, о Теогносте, пастиру Божји, животот во Христови раце полагајќи го, се радуваше на секоја неволја, која службата своја ја обременуваше. Радувај се, и за нас моли се, слуго на Вечниот Живот.