Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 09/04/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светата маченичка Матрона

Како сиромашна девојка беше слугинка во куќата на еден Евреин во Солун. Жената на Евреинот постојано ? се потсмеваше за нејзината вера во Христа и ја наговараше да се одрече од Него, а да оди во синагогата. Но кротката Матрона ништо не ? одговараше на својата госпоѓа, а тајно Му се молеше на Господ Христос. Еднаш Еврејката дозна дека кришум од неа Матрона отишла в црква, па сета во гнев ја запраша зошто не отишла во синагогата туку в црква. Матрона ? одговори: „Затоа што во христијанската црква живее Бог, а од еврејската синагога Он отстапи“. Бесна заради овој мажествен одговор Еврејката ја натепа и ја затвори во една темна одаја, а уште и ја врза. Но утредента ја најде одврзана со Божјата сила како клечи на молитва и Го фали Бога. По ова уште на двапати Еврејката ја затвараше и ја мореше со глад додека слугинката не ја испушти душата. Тогаш нечестивата жена го зеде телото на Светата девојка и од високо од нејзината куќа го фрли на земја. Христијаните го зедоа телото и чесно го погребаа, а кога епископот Александар ги дозна многубројните чуда на Светата маченичка, на нејзиниот гроб подигна црква. Злобната Еврејка наскоро ја постигна праведна казна: од истото место на куќата од коешто го фрли долу телото на Св. Матрона, таа се лизна, падна на калдрмата и намртво се разби.

Тропар
Трпението твое о, Матроно света, ангелите ги привлече, смирението молитва ти подари, љубовта кон Христа за Него те оневести, моли се света маченице во подвигот до крај да истраеме, и по твоите молитви свети од Него милост да добиеме.

Преподобен Јован Проѕорлив

До неговата дваесет и петта година беше дрводелец, а потоа гонет од неодоллива желба за постојана молитва се оддалечи во пустина и таму поживеа до својата смрт, т.е. до деведесеттата година. Телесен но како бестелесен. Проѕираше во срцето на секој човек што ќе му се приближеше и можеше да му го погоди и името и неговата желба и мисла. На царот Теодосиј му го прорекуваше исходот на битките; им прорекуваше на војводите, монасите и на секого којшто имаше потреба да дознае што се крие во темнината на идните денови за него. Еден кнез го молеше да ја прими неговата жена, која особено сакаше да го види. Светителот не сакаше да ? удоволи на празната љубопитност, туку во сон ? се јави на кнегињата таков каков што е. Кога жената му го опиша на мажот нејзиното видение, тој ? потврди дека ликот на Светителот е навистина таков. Своите посетители ги поучуваше за смирението како за основна добродетел, секогаш наведувајќи примери од животот како многубројни возвишени карактери гордоста ги урнала во прав, а ги навела на тешки гревови. Самиот издржа големи напади од демоните. Еднаш му се јави сатаната со множество демони во вид на сјајни ангели. Тие го гонеа да му се поклони на сатаната, мамејќи дека тоа е Христос. А светителот мудро им одговори: „На Царот мој Исус Христос јас Му се поклонувам секој ден; да беше ова Тој немаше од мене особено да бара токму сега да Му се поклонам“. По овие зборови целата зла сила исчезна како чад. Св. Јован Проѕорлив се упокои мирно коленичејќи на молитва, во неговата деведесетта година.

Тропар
Пустината цветови изнедри од твоите свети подвизи, оче преподобен Јоване, небесата песнопоење за тебе на земјата предаде, свет пустиниче, кој Бога везден Го прославуваше, и Он, Благиот, трудот го восприема и дарови дарува чудотворни и проѕорливи за тебе на величание, а нас на поука и спасение ни бидат. Спомни си за нас пред Престолот на милоста, свет подвижниче Христов, Јоване.

Преподобен Пафнутиј

Ученик на Св. Антониј Велики. Со светоста на животот многумина ги обрати на патот на покајанието. Една од нив е и Св. Таиса (под 8 октомври). Повеќе личеше на бестелесен ангел одошто на телесен човек. Се упокои на крајот од 4 век.

Тропар
Велик Пафнутие, Антониев учениче, собеседник на Ангелите од чии сведоштва се поучуваше. Мноштво пред Господа во спасение приведе, а уште повеќе на подвиг од кој Христос славословие доби. Радувај се, усрден подвижниче, кој сега беседиш со пророците и Бога Го молиш за човечкото спасение.

Света Лидија Македонска

Света Лидија е родена во Тијатир (денешен Ак-Хисар), во Мала Азија, во првиот век. А во она време градот Тијатир беше познат по бојаџилниците. Па и оваа богобојазлива Лидија, како што се нарекува во Делата Апостолски (16, 14), беше продавачка на пурпурни ткаенини и бои кога стана прв човек во Филипи, во Македонија (па и во Европа), кого светиот апостол Павле го обрати во верата. За своето доаѓање во Македонија првиот проповедник на Евангелието за незнабожците беше поттикнат од Светиот Дух во видение. Бидејќи, кога апостолот и браќата што беа со него дојдоа во Мизија, се обидоа да отидат во Витинија, но Духот не ги пушти. И кога ја напуштија Мизија, слегоа во Троада. Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ ... (Дела 16, 7 – 9). Надвор од градот Филипи при една река, сведочат апостолите во Делата Апостолски, беше едно место каде што доаѓаа од градот оние што имаа обичај да се молат. Меѓу таму насобраните жени Господ ? го отвори срцето на богобојазливата Лидија да внимава на зборовите Павлови. А кога се крсти таа и целиот нејзин дом, ги молеше кај неа да живеат Павле и оние што го придружуваа (апостолите Сила и Тимотеј), велејќи: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа.” (Дела 16, 15). Семејството на Света Лидија и домот на затворскиот стражар пред кого, по молитвите на светите апостоли Павле и Сила, се изврши чудото на отворањето на затворот во Филипи (Дела 16, 26), се првите никулци на Христовата Црква на македонска почва, која оттогаш, по молитвите на апостолите и на оние што по нивните зборови се обраќаа во Христовата благодат, низ многу страдања и искушенија со векови расне и принесува изобилен плод по сите македонски краишта.

Тропар
Гостопримство радост неискажлива донесе, кога не луѓе туку ангели во домот твој прими, о Лидијо Филипјанко, а преку нив Христос срцето ти го исполни, душата развесели, и домот твој дом на обручение за Бога стана, ти која ја превознесе Господовата слава и пофалба. Радувај се, мајко наша, која духот на Павле – великиот, кој Бога Го прославува, во една молитва го искажа, за спасение на сите кои поверуваа.

Светите Пречистантски преподобномаченици

Среде природните убавини на планината Цоцан во близина на Кичево, Пресвета Богородица си издигнала прекрасен дом – манастирот „Пречиста – Кичевска“, посветен на светото Благовештение. Кон средината на XVI век, монашкото братство од овој манастир станало вистинска утеха и крепост за напатениот народ кој страдал под тешкото османлиско ропство. Гласот за нивната слава и духовна сила допрел и до злонамерните Агарјани, па тие на 27-от ден од месец март, 1558 лето Господово, со сета своја јарост се упатиле кон светата Богородична обител. Браќата заедно со присутните мирјани биле собрани како и обично во храмот на заедничка Литургија. Во часот кога од певницата, со умилен молитвен глас, бавно прозвучила херувимската песна, отец Аверкиј, којшто морал да исполни некое послушание надвор, втрчал во храмот и известил дека кон манастирот се приближува многуброен, насилнички османлиски аскер. Тогаш преподобниот старец Евнувиј, заедно со уште двајцата монаси Пајсиј и Аверкиј, подготвени да примат маченички венец, останале во манастирот, а останатите монаси и мирјани заминале во шумата и таму пронашле безбедно место да ја довршат Литургијата. По службата, откако се увериле дека Агарјаните биле заминати, монасите се вратиле и тука затекнале страшна и тажна слика: сe било уништено, храмот бил во пламен, а на местото ??сподинец близу манастирската чешма, лежеле телата на тројцата свети старци и духовни учители. Тие откако најрешително одбиле да се приклонат кон иноверното учење и пред разбеснетите Агарјани непоколебливо ја исповедале својата силна вера во Спасителот Христос, биле подложени на страшни измачувања и примиле маченички венец со отсекување на нивните божествени глави. Сите селани од околните села се собрале за да ја споделат болката со осиротеното и обездомено братство. Притоа, со стравопочит и солзи во очите, тие им се поклонувале и ги целивале телата на светите преподобномаченици. Но тагата се преплетувала со радост заради стекнувањето на тројца нови застапници за народот пред Бога. Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици, и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител не се распуштила, туку продолжила со својата монашко-евангелска просветна дејност. За шест години бил изѕидан нов храм од камен. Таков бил подвигот, страдањето и преминот во вечниот живот на нашите свети отци и преподобномаченици: Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. По нивните свети молитви, Господи Исусе Христе, чувај ја нашата татковина и спаси ги нашите души, дарувајќи ни голема милост. Амин!

Тропар
Подигнувајќи го крстот Господов на плеќите, животот подвижнички со меч го запечативте. Евнувие славен атлете, Пајсие на мачениците подражателу, и Аверкие христодушен подвижнику, нечестието го изобличивте; затоа пред Христа застапете се и нам да ни ја дарува, со силата на Духот Божествен, посакуваната рајска светлина.