Велик петок
На Велики Петок Црквата ги споменува смртта и погребението на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот. Ова е стожерна точка во Страдалната седмица, тогаш Богочовекот Кој невино пострада за спасението на човечкиот род ја стекна благодатта на искупувањето од прародителскиот грев, со што се обезвласти владеењето на смртта и на пеколот (демоните) над природата на човекот. (Попросто кажано, оттогаш луѓето живеејќи богоугодно, очистувајќи ги своите срца од страстите, повторно можат да стануваат слободни личности и како такви наследници на рајот.) За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. На Велики Петок тајниот Христов ученик Јосиф од Ариматеја го измоли од Пилат мртвото тело на невино распнатиот Господ Исус, а јудејскиот кнез Никодим којшто и самиот тајно Го следеше Христовото Божествено учење, со смеса од смирна и алој Му го подготви телото за погребение. Погребот е извршен во петок пред Пасха, во свеж гроб во близината на Голгота (сопственост на Јосиф од Ариматеја). Присутствувале само неколку луѓе. Долгата традиција на споменувањето на овој ден го исполнила со вонредни богослужбени дејства (ги изобразуваат настаните што се случија на Велики Петок: ова започнува со утрената, којашто како бдение се служи уште вечерта во Четвртокот, во која се објавува евангелската историја за страдањата и смртта на Господ Исус Христос во дванаесет евангелија). Со оглед дека на Велики Петок Богочовекот Исус Христос Му се принесе Себеси како благодарствена и искупителна жртва на Бога Отецот во име на севкупната човечка природа (човечкиот род), во Црквата не се служи Светата Евхаристија, освен можеби литургијата на претходно осветени дарови. Во аскетската книжевност, Светите отци особено се задржуваат на карактерот на молитвата на Господ во Гетсиманската градина произнесена на Велики петок, и ја покажуваат како извор, вдахновение и пример на она вонредно животворно ’сеќавање на смртта’ што е преисполнето со безостатната предаденост на Синот кон волјата на Бога Отецот.
Тропар
Како овца на колење си бил воден, Христе Цару, и како јагне невино на крст си се приковал, од луѓе нечестиви, заради нашите гревови, Човекољупче.
Кондак
Дојдете сите да Го воспееме заради нас Распнатиот, зашто Него Го виде Марија на крстот и говореше: Иако трпиш распнување, Ти си Син и Бог мој.
Преподобниот маченик Евстратиј Печерски
Беше многу богат, но заради љубовта Христова го раздаде сиот имот, стапи во Печерскиот манастир и се замонаши. Кога Половците завојуваа на Киев во 1097 година, го ограбија манастирот, многумина христијани и монаси ги убија, а Евстратиј со уште неколкумина верни го продадоа во ропство на некој Евреин во градот Корсун. Овој Евреин ? се потсмеваше на христијанската вера и ги принудуваше христијаните да преминат во еврејската вера. А тие, кога видоа дека нема друг излез, решија самите себеси да се усмртат со глад, но од вистинската вера да не се одречат. На оваа одлука ги охрабри Свети Евстратиј. И сите умреа од глад, некои после три дена, други после четири, а некои по седум дена. Навикнат на пост Евстратиј остана во живот сам и издржа четиринаесет дена без храна. Евреинот разгневен што му пропаднаа парите со коишто ги купи овие робови, му се одмазди на Св. Евстратиј со тоа што го прикова на крст. Но на крстот Евстратиј Му заблагодари на Бога, а на Евреинот му прорече лута и рана смрт. Бесен од лутина Евреинот го прободе со копје. Така овој светител Му ја предаде својата душа на Бога. Телото му го фрлија во морето, но тоа исплива и над него се случија големи чуда. Набрзо по ова византискиот цар нареди казна за Евреите во Корсун заради нивната злоба кон христијаните. Мачителот на Св. Евстратиј тогаш го обесија на дрво.
Тропар
Се покажа како пофалба на мачениците и испосниците, преподобен оче Евстратие, бидејќи со воздржание телото го умртви, Христа го следеше, носејќи го крстот свој. Се удостои и сам на крстот вознесен да бидеш, со копје во ребра прободен, во раце Божји душата своја ја предаде, со огнена кочија вознесен на небесата, двојно овенчан од Христа Бога, Спасителот на нашите души.
Преподобен Иларион Нови
Игумен на манстирот Пеликит близу Хелеспонт. Со Духот Божји блесна како сонце. Исцелуваше болести кај луѓето и изгонуваше демони. Во времето на Лав Ерменин настана иконоборно гонење во кое пострада и овој Божји човек. Го испратија во ропство во прогонство близу Ефес заедно со неговите четириесетмина монаси и во 754 година се упокои во затворот.
Тропар
Црквата земна тебе, Иларионе, слава ти воздава, и сите ги просиме твоите молитви пред Господа нашиот Спасител, Кого ти, исповедниче, пред вселената Го прослави. Трудот твој благодатен венец исплете и мачеништво исповедничко за Иконата Христова поднесе, но радоста е преголема за оние кои одмор сега имаат во Господа.
Преподобен Исихиј Ерусалимски
Презвитер и длабок богослов. Ученик на Св. Григориј Богослов. Особено е препорачливо неговото славно дело „За трезвеноумието и молитвата“. Современик и на Св. Ефтимиј Велики. Се упокои мирно околу 434 година.
Тропар
Знамените дружина света Богословска, од светлината благодатна Спасителот те објави,
и тебе, Исихие, оче наш преподобен, кој не заостана трагајќи по Премудроста, и плодовите со нас ги сподели, радувајќи се со оние кои се радуват, а на сите нас твоите молитви ни се слова за поука и застапништво пред Господа, Кој поради тебе покажува милост голема.
Чудесниот настан со Таксиот, војник од Картагена
Целиот живот го помина во тешки гревови, но најпосле се покаја, ја остави војничката служба и живееше богоугодно. Еднаш отиде заедно со жена му на својот имот надвор од градот, изврши прељуба со жената на својот аргатин, па веднаш потоа го касна змија и умре. Беше мртов шест часа, потоа стана и дури четвртиот ден прозборе. Раскажа како ги поминал митарствата дури не дошол до митарството на блудот. Овде западнал во мрачното дувло на демоните, но бил изведен преку гаранцијата на еден ангел, па повторно бил вратен во телото за да се покае за својот последен грев. Се каеше четириесет дена одејќи од црква до црква и удирајќи си ја главата од вратите и праговите. Постојано плачеше раскажувајќи за страшните маки во кои грешниците пребиваат на оној свет и ги преколнуваше луѓето да не грешат и да се покајат за веќе сторените гревови. Четириесеттиот ден со радост замина во Царството на милостивиот Господ Бог.