Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 13/04/2026

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Воскресение Христово (втор ден)

Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие н? поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.

Тропар
Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им подари.

Кондак
Кога си слегол во гробот, Бесмртен, си ја разурнал адската сила, и си воскреснал како победител, Христе Боже, Кој на жените мироносици им благовести: Радувајте се! Кој им даруваш мир на Твоите апостоли, а на паднатите им даваш Воскресение.

Светиот свештеномаченик Ипатиј, епископ Гангрски

Роден во Киликија, а епископ во градот Гангра. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор. На сите страни прочуен заради благочестивиот живот и дарот на чудотворство. Царот Констанциј нареди да се изобрази ликот на Ипатиј уште за време на животот на овој светител и тој лик царот го држеше во својот дворец како оружје против секаква непријателска сила. Враќајќи се еднаш од Цариград Ипатиј беше нападнат во еден теснец од еретиците новатијани и турнат од друмот во некоја кал. При ова една жена од таа дружина го удри со камен во главата и вака светителот го заврши својот земен живот. Но жената одеднаш полуде и го зеде истиот оној камен и со него се удираше самата себеси. Кога ја доведоа на гробот на Свети Ипатиј и Му се помолија на Бога за неа, по големата милосрдност на Свети Ипатиј таа се исцели и остатокот од животот го помина во покајание и молитва. Свети Ипатиј пострада и се пресели во Царството на Христос во 326 година.

Тропар
Незлобливоста твоја подарувана ти одозгора, те удостои со чин епископски, о сјаен подвижниче Ипатие, смирението кон тебе ангели привлече, а со трпението створената природа се покори, о чудотворче кој насекаде возвестуваш за силата Христова, моли се, Божји угодниче, благодат да добиеме, за со сите да се помириме, и мир во Господа да најдеме.

Свети Јона, митрополит Московски

Родум од Костромската губернија. Во дванаесеттата година стана монах и како таков долго поживеа во Симоновиот манастир во Москва. За време на митрополитот Фотиј стана епископ Рјазански, а кога Фотиј умре, го избраа Јона за митрополит и го испратија кај патријархот во Цариград за да го посвети и утврди. Но тогаш некој Исидор, Бугарин по потекло, го претекна Јона , стигна пред него во Цариград и беше посветен за митрополит руски. Јона се врати на својата столица во Рјазан. Но зломислениот Исидор лошо заврши со своето митрополитство. Отиде на Флорентинскиот собор и се врати во Москва дури после три години. Сите се кренаа против него како отстапник од Православието и го прогонија. Не се знае каде го заврши животот. На митрополитската столица дојде добриот и мудар пастир Јона. Голем чудотворец, проѕорливец, духовник. Кога Агарјаните ја опколија Москва, со својата молитва Јона ги изгони. На старост посака да го снајде некоја болест, да се помачи и со маките наполно да се очисти пред да замине од овој свет. По неговите молитви Бог допушти рана на неговата нога, а за ова му беше претходно јавено во видение на еден свештеник Јаков. Од оваа рана светителот умре и отиде меѓу небесните граѓани на 31 март 1461 година. Над неговите мошти се извршија многубројни чуда. Еден нем човек, Јован, го доведоа над моштите на светителот. Тој ја целиваше раката на Св. Јона и како што раскажуваше отпосле, таа рака го фатила за јазикот од што почувствувал силна болка. Кога му се ослободил јазикот и се свртел кон своите, прозборел како никогаш да не бил нем.

Светиот свештеномаченик Авда

Епископ на градот Суза. Убиен за Христа во 418 година во Персија од царот Издегерд. Неговиот ѓакон Св. Венјамин мачителите го пуштија под услов повеќе да не го проповеда Евангелието. Тој најнапред се согласи со овој услов, но не можеше да му одолее на срцето и продолжи по народот да ја распростира верата Христова. За ова беше фатен и убиен, три години после Свети Авда, во 421 година.

Тропар
Блажен си ти, епископе Авдо, Кој излезе од соборот на незнабошците и храмови ракотворени повеќе не ѕидаше, туку неракотворениот со благодатта Господова во себе го подигна и за Бога го подготви, со крвта маченичка го освети и како брачна одаја го украси. Подвигот и Венјамин со ревност го исполни, кој евангелски стрели испрати насекаде, иако за место маченичко прикован беше. За нас, молете се, вие цветови благоухани, на Господовата милост.

Преподобен Аполониј

Прочуен мисирски пустиник. Во петнаесеттата година се одрекол од светот и се повлекол во некоја гора, каде што проживеал четириесет години, хранејќи се само со полски растенија. Потоа основа манастир во кој имаше петстотини монаси. Се упокои мирно во 395 година.

Тропар
Пустински ангелу, Аполоние свети, Христос те удостои собеседник Негов да бидеш и пастир на оние кои правила земни исполнуваат, вдахновени од Небесни устројства. Радувај се сега, ти, благоухан мирис на цветната небесна градина и за нас моли се, кои приклонуваме колена пред твојата света икона во Божја слава и пофалба.