Преподобен Тит Чудотворец
Од младоста Го возљуби Христа и го замрази овој суетен свет. Заради ова го остави светот, отиде во манастир и прими ангелски образ. Не жалејќи се себеси се предаде на скрбен и тесен монашки пат. Преку големо трпение ги стекна двете основни добродетели: послушанието и смирението и со нив ги надмина „не само браќата туку и сите луѓе“. Од младоста ја зачува чистотата на душата и телото. Во времето на иконоборната ерес се покажа како непоколеблив столб на Божјата Црква. Заради неговото големо смирение и чистота, Бог му даде дар на чудотворство и за време на животот и по смртта. А кога се пресели кај Господ, остави многубројни ученици зад себе. Се престави во 9 век.
Тропар
Небесата сведочат за твоите подвизи, преподобен оче наш Тите, земјата те восфалува со сведоштво на твоите ученици, кои по делата на верата твоја поитаа пред пастирските нозе твои, моли се за нас, исповедниче на Православието, моли се, чудотворче, и биди пред Христа застапник за нашето спасение.
Светите маченици Амфијан и Едесија
Две момчиња, браќа по тело. Од градот Патара, од родители угледни но незнабожци. Кога во градот Вирит ги изучуваа светските науки некако се просветија со Духот Божји и ја познаа лажноста на незнабожието, а ја наѕреа вистината на христијанството. Па кога се вратија дома не можеа повеќе да живеат со своите родители и роднини незнабожци, туку тајно побегнаа во Кесарија Палестинска кај презвитерот Памфил, којшто беше познат по светоста и духовната ученост. Кај Памфил дење и ноќе се поучуваа на законот Божји и ги практикуваа христијанските подвизи. За Амфијан велат дека по тело бил стар дваесет години, а според разумот и великодушноста стогодишен. Кога настана гонењето во времето на Максимин, мнозина христијани побегнаа од градот и се сокрија, додека другите драговолно и радосно се предадоа во рацете на мачителите за да пострадаат во името на Оној Кој Самиот прв за нив пострада. Амфијан беше меѓу овие христијани. Дојде во незнабожечкиот храм бестрашно, а овде кнезот Урбан им принесуваше жртви на идолите. Амфијан го фати за раката со која кнезот ја држеше жртвата и му викна да отстапи од служење и жртвопринесување на мртвите идоли, а да Го познае вистинскиот Бог. Некои што ги слушнаа овие зборови и ја видоа оваа храброст на Амфијан се покајаа и ја примија Христовата вера. Но кнезот се разлути и го подложи Амфијан на маки. Меѓу другото му ги обвиткаа нозете со памук и го запалија. Но кога остана жив, го фрлија во морето со камен на вратот. Морето се возмути и го исфрли телото на Светиот маченик. Едесиј најпрво беше испратен во бакарните рудници во Палестина, а потоа го одведоа во Мисир. Во Александрија се исполни со света ревност против еден кнез Ероклеј, којшто ги имаше собрано христијанските монахињи, девојки и чесни жени на плоштадот и за подбив им ги раздаваше на најбесрамните развратници. Едесиј се исполни со света ревност и на бесчесниот кнез му удри шлаканица. За ова тој, како и неговиот брат Амфијан, беше мачен и потопен во морето. Се жртвуваа за Христа како две невини јагниња околу 306 година.
Тропар
Страдалници свети, ревносни воини, секоја лага ја сосековте со мечот на вистината,
секоја желба телесна ја изгоревте со пламенот на верата, од секое мудрување телесно се заштитивте со штитот на благодатта Христова, о Амфијане и Едесие, за нас молете се од градините на светлината.