Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 17/04/2026

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Источен петок – Балаклија

Се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор. Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го беше загубил патот не можејќи да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одведел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука блиску.“ Лав, вчудоневиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде. Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“. Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на цар Маркијан (391-457). Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалест камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица. Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата. Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу време тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт. Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш с? додека не се напиеш од Мојот извор.“ Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано.“ Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето. Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир. Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага. Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него. Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорите била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се беа случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година. За времето на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите. Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којшто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни. Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“. Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кои беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци.

Кондак
Богоблагодатна Дево, од Твојот извор кој тече непрестајно, Ти ми даваш вода од Твојата благодат неискажливо. Затоа Ти се молам Тебе, Која надумно Го роди Словото, пороси ме со благодатта, за да Ти повикувам: Радувај се, водо спасителна!

Преподобен Јосиф Песнописец

Роден е во Сицилија од благочестиви и добродетелни родители, Плотин и Агатија. По смртта на родителите премина во Солун, каде што се замонаши. Како монах на сите им беше пример во постот, во крајната воздржливост, непрестајната молитва и псалмопеење, бдеењето и трудољубивоста. Солунскиот епископ го ракоположи за јеромонах. Кога прочуениот Григориј Декаполит го посети Солун, од дното на срцето го засака Јосиф заради неговиот редок карактер, па го зеде со себе во својот манастир во Цариград. Кога повторно изби пламенот на иконоборната ерес под Лав Ерменин, овој Јосиф беше испратен во Рим да ги повика папата и римската Црква во борба за вистинската вера. Но патем го фатија гусари и го одведоа на Крит, каде што еретиците шест години го држеа во затвор. Светиот Јосиф се радуваше зашто се удостои да пострада за Христа и непрестајно за ова Му благодареше на Бога сметајќи ги како златни украси железните окови на своето тело. Шестата година на Божиќното утро злочестивиот цар Лав беше убиен во црквата за време на утрената. Во истиот тој час на Јосиф му се јави Св. Николај и му рече: „Стани и следи ме!“ Тој се почувствува како подигнат во воздухот и одеднаш се најде во Цариград. На неговото доаѓање му се израдуваа сите правоверни. Им испеа канони и стихири на многумина светители. Имаше дар на проѕорливост, заради што патријархот Фотиј го постави за духовник и исповедник на свештенството, а го препорача како: „Човек Божји, ангел во тело, отец на отците“. Во длабока старост Му го предаде својот дух на Бога, Кому тој верно Му послужи. Се упокои мирно во Господ на Велики Четврток 883 година.

Тропар
Славен и прославен е Господ од целиот род човечки, што изнедри таква фиданка како тебе, о Јосифе, рако продолжена на Духот Свет, поттикнат од великиот Григориј, исполнет со ревност од светиот Никола, преисполнет со благодат по молитвите на Вартоломеј Апостолот, земната Црква ја подигна велегласно да слушне пеење небесно, славење торжествено и народ да напојува преку свитците на твоите, о Јосифе, од Бога вдахновени песни, пофалба и благодарност наша кон Бога искажи, ти кој стана славеј на срцата наши, за наше спасение во вечни векови.

Светата маченичка Фервута и нејзината сестра вдовица и нивната робинка

Во времето на персискиот цар Савориј беше погубен Светиот епископ Симеон. Неговата сестра Фервута по желба на царицата ја зедоа во дворецот. Но таа беше необично убава и затоа навалија многубројни кандидати за женидба, меѓу кои имаше и незнабожечки гатачи и жреци. Фервута ги одби сите и со ова предизвика против себеси голем гнев. Бидејќи во тоа време се разболе царицата, гатачите му објаснија на царот дека е отруена од Фервута, а на болната царица како лек ? го препорачаа ова: Фервута, нејзината сестра и нивната робинка како христијанки да се престругаат со бичкии, трите половини на нивните тела да се состават на една страна, а другите три половини на друга, а царицата да се протне меѓу нив. Царот се согласи со овој крволочен предлог на гатарите. Фервута, нејзината сестра и нивната робинка пострадаа за Христа во 343 година, со ваква смрт влегувајќи во бесмртното царство на Господ Христос.

Тропар
Телесните не можеа да ја видат убавината твоја, Фервуто света, со која Бог те обдари, ниту умот паднат да ја спознае мудроста Христова, која од тебе извираше. Тивкиот ветрец на благодатта те зави тебе, сестрата и другите, и на Небесата славата ваша ја вознесе, за да се врати молитвено над нашите глави и Бога Го прослави во вечни векови.

Преподобен Зосим

Монах на Јорданската обител во времето на царот Теодосиј Помладиот. Ја пронајде, ја причести и ја погреба Св. Марија Египетска. Се упокои во Господ во стотата година од животот, во 6 век.

Тропар
Благиот Господ со благост душата твоја ја нахрани, оче свет Зосимо, и срцето ти го исполни со сознанија надумни, прикриени и од ангели за ревноста твоја и подвигот пустински. За нас, пред Него, моли се, преподобен оче, заедно со Марија – ангелот на пустината, да се спаси душата наша.

Преподобниот маченик Никита

Родум е од Албанија, но со словенско потекло. Како светогорски монах отиде во Серез и таму се препираше за верата со мулите. Не можејќи да го надвладеат со докази, Турците го подложија на маки, во кои Свети Никита Му ја предаде душата на Бога во 1808 година.