Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 24/04/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот свештеномаченик Антипа епископ Пергамски во Азија

Се спомнува во книгата на Откровението како „Антипа, мојот верен сведок“ (2, 13), „кој беше убиен кај вас, меѓу кои пребива сатаната,“ т.е. во градот Пергам. Жителите на овој град живееја во мракот на идолопоклонството и во крајна нечистота; им беа робови на страстите, клеветници, насилници, крвомешачи и со еден збор сатански слуги. Антипа живееше меѓу нив „како светлина сред темнината, како роза среде трње, како злато во калта“. Во Пергам за добар и праведен се сметаше оној којшто би фатил и убил еден христијанин. Целата незнабожечка вера се состоеше во гатање, во толкување на соништата, во служење на демоните и во краен разврат. Застрашени од Антипа како од оган, демоните им јавија на жреците во сон и им исповедаа дека се плашат од него и затоа мораат да побегнат и од овој град. Жреците кренаа толпа народ против Антипа и почнаа да го измачуваат и да го присилуваат да се одрече од Христа и да им се поклони на идолите. Антипа им рече: „Кога вашите т.н. богови, господари на вселената, се плашат од мене којшто сум смртен човек и мораат да бегаат од овој град, зарем не познавате по тоа дека вашата вера е заблуда?“ И им говореше светителот за Христовата вера како за единствена вистинита и спасоносна. Но тие се разјарија како ѕверови и го довлекоа старецот Антипа пред храмот на Артемида пред кој стоеше излиен вол од бронза. Го усвитија волот со оган и го фрлија внатре слугата Божји. Во внатрешноста на волот Свети Антипа Го славеше Бога со благодарност, како некогаш Јона во утробата на китот и Тројцата младенци во огнената печка. Антипа се молеше за своето стадо и за сиот свет, с ? додека душата не го остави трошното тело и не се вознесе меѓу ангелите во Царството Христово. Пострада и стекна невенлива слава во 92 година.

Тропар
Велик те направи Спасителот тебе, Антипо, меѓу ѕвездите небесни, и возвишено стана името твое во Црквата, на која како семе одбрано ? послужи, и како сад со вода молитвена душите на сите ги напои. При Господа на Кого се поклонуваме, ти сега претстоејќи, моли се за нас кои на земјава битисуваме.

Светите маченици Прокес и Мартинијан

Стражари во римскиот затвор во кој беа затворени апостолите Петар и Павле. Кога го слушнаа словото и ги видоа чудата апостолски, се крстија и ги пуштија апостолите од затворот. Апостолите излегоа од Рим, но по патот на Петар му се јави Господ, Кој одеше кон Рим. „Каде одиш, Господи?“, го праша Петар. А Господ одговори дека оди во Рим на ново распетие. Засрамени апостолите се вратија во градот и таму ги фатија и ги убија. Со нив беа убиени и овие двајца храбри стражари Прокес и Мартинијан.

Тропар
Жедта ваша по вистината, Господ ја приведе пред нозете на великиот Петар, о свети Прокесе и Мартинијане, а од крстот од кого вода истече, се напоија душите ваши жедни за Бога. Светлината ја одгони темнината и мачеништвото го освои Царството Небесно, од каде денес и во веки молете се за родот човечки.