Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 30/04/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот свештеномаченик Симеон епископ Персиски

Во времето на злочестивиот цар Савориј или Сапор, Симеон беше мачен за Христа заедно со неговите двајца презвитери, Авделај и Ананија. Пред нив пострада и царевиот евнух Устазан, којшто прво се одрече од Христа, а потоа трогнат од прекорот на Свети Симеон повторно пред царот ја исповеда вистинската вера. На губилиште заедно со Симеон беа изведени уште илјада христијани. Симеон некако се протна за да може да биде убиен последен, зашто сакаше да ги храбри другите докрај за ниеден од нив да не се поколеба од страв пред смртта. Кога презвитерот Ананија ја положи главата на трупецот, со целото тело затрепери. А царевиот пристав, Фусик, кој беше потаен христијанин, почна да го храбри Ананија велејќи: „Не плаши се, старецу, затвори ги очите и биди мажествен, за да ја видиш Божествената Светлина!“ Штом го изговори тоа, го повикаа како христијанин и го обвинија кај царот. Царот го уби во големи маки и него и неговата ќерка, девицата Аскитреја. Најпосле го убија и Свети Симеон, откако прво го испрати своето стадо на оној свет. Следната година на Велики Петок беше убиен и царевиот омилен евнух Азат, а со него илјада други верници. Тогаш царот пожали за својот евнух и го запре натамошното убивање на христијаните. Сите чесно пострадаа за Господ Христос во 341 или 344 година.

Тропар
О пастиру Божји, Симеоне, Христос Спасителот ти ги предаде клучевите со кои ја отвори вратата на Персиската слава маченичка: Авделај и Ананиј, Устазан, Фусик и Азат, Аскитреја и многу други влегоа во реката на крвта нивна заради Небесното Царство и таму засветлија во Тебе, Христе Боже, Кој по нивните молитви и нас спаси н?.

Свети Акакиј епископ Мелитински

Се подвизуваше во својот роден град ерменска Мелитина. Епископот на тој град, блажениот Отриј, којшто учествуваше на Вториот Вселенски Собор, го ракоположи за презвитер. После смртта на Отриј епископ стана Акакиј. Учествуваше на Третиот Вселенски Собор во Ефес, кој го осуди Несториевото злохулство кон Пресвета Богородица. Овде заедно со Св. Кирил Александриски тој многу ревнуваше за чистотата на православната вера. Свети Акакиј имаше голема благодат од Бога и вршеше многубројни чуда. После долг и ревносен живот во Христа мирно се упокои во 435 година.

Свети Агапит папа Римски

Испратен од готскиот крал Теодот кај царот Јустинијан во Цариград за да го одврати од поход против Готите. Патем тој исцели еден нем и слеп. Во Цариград помогна во утврдувањето на Православието и се упокои во 536 година.

Преподобните Саватиј и Зосим

Основачи на подвижничката обител на Соловецкиот остров во Белото Море. Во таа Соловецка обител се прославија многумина големи светители. Свети Саватиј се упокои во 1435 година, а Зосим во 1478 година.

Тропар
О смирено срце за Бога приготвено, Саватие свети, кој пустината Соловецка за слава Господова ја подготви, а нас преку неа до осознавање на нашите падови, по твоите молитви Христос н? приведе. Моли се непрестајно за нас, несмирените, во мир пред Господа да се претставиме.

Свети свештеномаченик Кипријан Слепченски

Свети Кипријан бил игумен на манастирот посветен на светиот Јован Претеча во Слепче, во времето на турското владеење, во 18 век. Во 1780 година, на Велик четврток, манастирот бил нападнат од турски разбојници, од кои Кипријан претрпел големи мачења. По нивното заминување, тој поживеал уште три дена, речиси полумртов. Од жестоките мачења се упокоил на денот на Христовото Воскресение.

Тропар
Кипријане, велик молитвениче, пред Бога застапниче, за нашите души покровителе. Моли се, оче преподобне, за оние кои ти приоѓаат од тебе благодат измолуваат. За нивно преумување, за нивно спасение, пред Бога поклонение.

Кондак
Наставик на монасите, пример за испосниците, украс на свештениците. Злобата агарјанска ја посрами, и со пролиената крв Црквата ја украси. Затоа ти повикуваме: Радувај се, свештеномачениче Кипријане, на душите наши исцеление.