Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 04/05/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Велика Сабота

Од времето на страдањето на Господ Христос на крст на Голгота, секоја Велика сабота е исполнета со исчекување на благодатта на Неговото Воскресение. Смртта на Господ веќе ги воскреснала упокоените праведници во Ерусалим кои им се јавиле на мнозина, а први што трепереле пред можноста да се објави како воскреснат биле непријателите Негови (првосвештениците и фарисеите што побарале да биде убиен). Побарана е стража од римски војници да Му го чува телото. Сепак, Он како оној што невино и неправедно а Божествен претрпел понижувања, страдања и смрт на крст, незадржливо воскреснал. Смртта и пеколот (демоните) не нашле начин да воспостават власт над Таквиот. Воскреснатиот Господ им се јавил на Своите ученици онака како што сведочат Неговите апостоли и евангелисти. Долгиот богослужбен ден на Велика Сабота завршува длабоко во ноќта со бдението пред Пасха. А на живоносниот Гроб Господов во Ерусалим се празнува Светиот оган. Овој оган од Светиот гроб се пренесува по Светата Земја и ги осветлува сите домови. На денот на великата новозаветна жртва Сонцето на правдата – Христос, го разгорува Светиот оган. Овој празник е востановен со чудото во времето на патријархот Наркисос, кога во недостиг од масло кандилата биле налеани со вода и запалени од оган кој чудесно слегол од небото и за време на пасхалната служба горел како под масло. Древните христијански сведоштва говорат дека незгасливиот оган се чува на Светиот гроб од раните времиња на христијанството. На бдението пред Пасха (Воскресение) во Црквите ширум Православието Епископот, бидејќи е на местото и во образот Христов, самиот ги благословува и ги пали кандилата, а сите други земаат светлина од неговата свеќа.

Тропар
Набожниот Јосиф, кога од крстот го симна Твоето пречисто тело, со плаштаница чиста го завитка, и со мириси го прекри, во нов гроб го положи.

Кондак
Оној што некогаш ја затвори бездната, сега мртов се гледа и, завиткан во смирна и плаштаница, Бесмртниот како смртен во гроб се полага; а жените, плачејќи горчливо, дојдоа да Го помазат со миро, повикувајќи: Оваа сабота е најблагословена, зашто во неа Христос, заспан, по три дена ќе воскресне.

Светиот свештеномаченик Јануариј и другите со него

Овој светител беше епископ во Кампанија Италијанска. За време на гонењето на Максимијан беше изведен на суд и мачен на разни начини, а тој поднесе с ? трпеливо. Кога го фрлија во оган, огнот се разлади со невидлива роса и маченикот стоеше неповреден сред огнот и Му пееше пофалба на Бога. Тогаш му го стружеа телото со железни четки дури коските не му побелеа, но маченикот поднесуваше незлобливо и трпеливо. Неговиот ѓакон Фауст и чтецот Дисидериј, коишто ги гледаа неговите маки, плачеа по својот духовен отец, но и нив ги врзаа и заедно со епископот ги поведоа во градот Путеол и ги фрлија во затвор. Во истиот затвор беа затворени за Христа и путеолските ѓакони Прокул и Сосиј и двајца лаици христијани Евтихиј и Акутион. Сите седуммина ги фрлија пред ѕверови. Но ѕверовите не ги ни допреа. Тогаш ги убија со меч, а неаполските христијани тајно го пренесоа телото на Свети Јануариј во својот град и чесно го положија в црква. На гробот на овој светител до денешен ден се пројавуваат многубројни чуда. Меѓу бројните чуда запамтено е и тоа дека една бедна вдовица, на којашто ? беше умрел синот единец, ја зеде од црквата иконата на Свети Јануариј и ја положи на својот мртов син плачејќи и молејќи го светителот. И нејзиниот син оживе. Свети Јануариј пострада чесно во 305 година.

Тропар
Со благодатта Христова го изгасна огнот на страстите, о Јануаре епископе, така подвигот твој пример стана за твоите сострадалници: Фауст, Прокул, Сосиј, Дизидериј, Евтихиј и Акутион, со кои низ оган помина. Ти кој ѕверови скроти, мртви воскресна со силата Христова, моли се за нас да добиеме спасение по твоите свети молитви.

Светиот маченик Теодор и другите со него

За верата Христова пострада во Перга Памфилиска во времето на царот Антонин. Теодор беше млад и со убаво лице. Кога намесникот на таа област го избра заедно со други момчиња, за да ги испрати на служба во царскиот дворец, Теодор се спротивстави и изјави дека тој е христијанин. За ова беше мачен со разни маки, а потоа фрлен во оган. Но од земјата изби вода и го угаси огнот. Намесникот ова им го припишуваше на некои Теодорови магии. А маченикот му рече: „Ова не е дело на мојата сила, туку на мојот Бог Христос; а ако сакаш да ја познаеш силата на твоите богови запали друг оган, па фрли во него еден од твоите војници и се надевам ќе ја познаеш нивната сила и семоќта на мојот Бог.“ Намесникот сакаше навистина да фрли еден од војниците, но тие во страв го молеа да го фрли жрецот Диоскор наместо нив. Жрецот пак молеше да го фрлат самиот идол Ѕевс и останатите идоли, па ако се богови, тие лесно ќе се спасат самите себеси. Диоскор ова го рече бидејќи откако го виде чудото со Теодор веќе беше со срцето обратен кон Христа. Кога дозна за ова, намесникот го осуди Диоскор на смрт и го запали. Исто така го предаде на смрт и Теодор со двајца војници, Сократ и Дионисиј и мајката на Теодор, Филипа. Теодор го распнаа на крст, на којшто тој издивна дури третиот ден. Сократ и Дионисиј ги прободија со копје, а Филипа ја убија со меч. Сите стекнаа венци на слава во царството Христово.