Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 08/05/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот апостол и евангелист Марко

Му беше сопатник и помошник на апостолот Петар, којшто во своето Прво послание го нарекува син свој, не син по тело туку по дух. Кога Марко беше во Рим со Петар, верните го замолија да им ја запише спасоносната наука на Господ Исус, Неговите чуда и Неговиот живот. Така го напиша Светото Евангелие, коешто го виде и го посведочи за вистинито и самиот апостол Петар. Тој го постави Марко за епископ и го испрати на проповед во Мисир. Така тој беше првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Мисир. Мисир беше сиот притиснат од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош Свети Марко успеа да го посее семето на Христовата наука низ Ливија, Амоникија и Пентапол. Од Пентапол, воден од Духот Божји, дојде во Александрија. Таму успеа да ја заснова Црквата Божја, да постави епископ, свештеници и ѓакони и с ? добро да утврди во благочестивата вера. Својата проповед ја потврдуваше со големи и многубројни чуда. Кога незнабожците подигнаа обвиненија против него, како против разорувач на нивната идолопоклоничка вера, а градоначалникот почна да трага по него, тој побегна повторно во Пентапол и таму продолжи да го утврдува своето поранешно дело. После две години Свети Марко, на голема радост на верните чијшто број во меѓувреме се умножи, се врати во Александрија. Тогаш го фатија незнабожците, цврсто го врзаа и почнаа да го влечат по калдрмите викајќи: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот ранет и искрвавен го фрлија во затвор. Овде најнапред му се јави ангел небесен и го храбреше и го крепеше. Потоа му се јави Самиот Господ Исус и му рече: „Мир на тебе, евангелисту Мој!“ А Марко Му одговори: „И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!“ Утредента злочестивите луѓе го извлекоа од затворот и повторно го влечеа по улиците, извикувајќи го истото: „Да го повлечеме волот во оборот!“ Сиот измачен и истоштен Свети Марко изусти: „Во Твоите раце, Господи, го предавам мојот дух!“ и издивна. Неговите свети мошти беа чесно погребани од христијаните. Со векови им даваат исцеленија на луѓето од маките и од болестите.

Тропар
Благословот на првоврховниот Петар ти беше покров, о Марко, под кој Евангелието живо постана, во себе имајќи Го Духот, Кој тајните од искона ги чува, а Бог ги открива на садовите кои се спремни за тоа. Моли се за нас, евангелисту, спомни си за напатените – маченику, кој овенчан со троен венец сега се радуваш во лоното Христово, во Неговото вечно Царство Небесно.

Кондак
Кога ја прими благодатта на Духот одозгора, ти ги скина мрежите на ораторите, апостоле, и, откако со проповедта на божественото Евангелие ги улови сите народи, ги приведе при твојот Владика, Марко сеславни.

Свети Анијан епископ Александриски

Кога Св. Марко стапна од коработ на копното на Александрија, обувката на едната нога му се расцепи. Тогаш виде еден чевлар и му ја даде на поправка. Шиејќи чевларот си ја прободе со шилото левата рака и почна да му тече крв, а тој јачеше од болка. Тогаш Божјиот апостол замеси прав со својата плунка и ја намачка ранетата рака на чевларот, која со ова веднаш стана здрава. Чевларот се восхити од ова чудо и го покани Марко во својот дом. Кога ја слушна проповедта на апостолот, Анијан (така му беше името), се крсти тој и сиот негов дом. Свети Анијан покажуваше толкаво благочестие и ревност за Божјото дело, што Св. Марко го ракоположи за епископ. И овој свет човек беше вториот епископ на александриската Црква.

Тропар
Под сенката на Марко евангелистот благодатта Христова ги исправи стапките на животот твој, о епископе Анијане, и душа ти освети Евангелието да се рашири. Спомни си за нас, пастиру свети, од небесните висини.