Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 11/05/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светите апостоли Јасон и Сосипатар и девицата Керкира

Тие двајцата беа од Седумдесеттемина апостоли, а Керкира му беше ќерка на некој цар од островот Крф. Јасон и Сосипатар ги спомнува Св. апостол Павле (Римјани 16, 21) и ги нарекува свои роднини. Јасон беше родум од Тарс како и самиот Павле, а Сосипатар од Ахаја. Првиот апостолите го поставија за епископ Тарсиски, а вториот за епископ Икониски. Патувајќи и проповедајќи го Евангелието овие двајца апостоли стасаа на островот Крф, каде што успеаја да подигнат црква посветена на споменот на Св. првомаченик Стефан и да придобијат некои незнабожци за Црквата. Царот на овој остров ги фрли во затвор, а внатре беа затворени седуммина разбојници: Сагорниј, Јакисхол, Фаустијан, Јануариј, Марсалиј, Ефрасиј и Мамиј. Апостолите ги приведоа овие седуммина во Христовата вера и ги направија од волци јагниња. Кога слушна за тоа царот нареди да ги убијат со врела смола. Така сите примија маченички венци. А кога ги мачеше апостолите, царската ќерка Керкира ги гледаше од прозорецот маките на Божјите луѓе, па штом дозна зошто ги мачат и самата се огласи за христијанка и им го раздаде својот накит на сиромашните. Царот се разгневи на својата ќерка и ја затвори во посебен затвор, па бидејќи со ништо не успеа да ја одврати од Христа, нареди и во затворот ја запалија. Затворот изгоре, но девицата остана жива. Кога го виде ова чудо, се крсти многуброен народ. Тогаш царот разјарен нареди и ја врзаа ќерка му за едно дрво и ја убија со стрели. Оние што поверуваа во Христа побегнаа од страшниот цар на блискиот остров и се сокрија. Царот тргна на кораб за да ги фати, но коработ потона во морето и нечестивиот цар загина како некогаш фараонот. Новиот цар ја прими Христовата вера, се крсти и го доби името Севастијан. Јасон и Сосипатар слободно го проповедаа Евангелието и ја утврдуваа Црквата Божја на Крф до нивната длабока старост и таму го завршија својот земен живот, па преминаа кај Господ.

Тропар
Велик си Ти, Господи, во срцата на Твоите апостоли Јасон и Сосипатар, кои Тебе Жив имајќи Те, чудеса твореа, ѕверови скротуваа, кон спасение седум разбојници приведоа, а Керкира девица света кон ангелска светост поита, во својата крв крштевајќи се. Молете се вие, о горостаси на верата, за наше спасение, и по вашите молитви за воскресение во живот вечен.

Светите маченици Максим, Дада и Квинтилијан

Пострадаа во времето на Диоклецијан. Ги осуди и ги мачеше војводата Тарквиниј. После затвор и измачувања ги убија со меч.

Тропар
Миомирисни цветови на верата, чии молитви пред Господа и нас денес нe закрилуваат, непоколебливи велможи на благодатта Божја, радувајте се во Христа и застапете се за сите кои го чествуваат вашиот спомен: Максиме, Даде и Квинтилијане.

Светиот маченик Тибал

Словенин од Панонија. Во времето на Диоклецијан беше страшно мачен за верата во Христа и чесно пострада во местото Цибал.