Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 21/05/2026

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Вознесение Христово – Спасовден

Четириесет дена по Воскресението, Спасителот го остварува она што го вети од почетокот. Се врати при Својот Отец за да Го испрати при учениците Духот на Вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот. Одењето кај Отецот е чин јавен: се случува пред очите на апостолите. Христос се подига во воздухот и облак Го подзема носејќи Го на небото. Последните пораки што им ги дава се подготовки за Педесетницата. Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене! Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух. А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево? И Он им одговори: Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата (Дела 1, 4 - 8). И веднаш, додека гледаа како се крева на небото, двајца мажи во бела облека, всушност ангели, благовестеа за Второто доаѓање на Христос на земјата. Наспроти упатството да не умуваат околу времињата на овие настани, кои се во Божја власт, во првите години па и векови по Вознесението, христијаните очекуваа самите да бидат очевидци на земјата на славната Парусија Господова.

Тропар
Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Синот Божји, Избавителот на светот.

Кондак
Откако ја исполни промислата за наша полза, и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, но останувајќи секогаш со нас, и повикувајќи им на оние што Те љубат: Јас сум (секогаш) со вас, и никој ништо против вас не може.

Светиот апостол и евангелист Јован

Споменот на овој голем апостол и евангелист се празнува на 26 септември. А на 8 мај се споменува чудото пројавено на неговиот гроб. Имено, кога Јован имаше повеќе од сто години, зеде седуммина од своите ученици, излезе од Ефес и им нареди на учениците да му ископаат гроб во вид на крст. Потоа старецот слезе жив во гробот и беше погребан. Кога подоцна верните го отворија Јовановиот гроб, не го најдоа телото во гробот. А на 8 мај секоја година се креваше некоја прашина од неговиот гроб, од која се исцелуваа болни од разни болести.

Тропар
Апостоле, возљубен од Христа Бога, побрзај да ги избавиш луѓето без одбрана, оти, Оној што ти дозволи да се потслониш на Неговите гради, ќе ти дозволи и да Го помолиш за нас. Него моли Го, Богослове, да го растера и темниот облак на незнабошците, просејќи за нас мир и милост голема.

Кондак
Твоето величие, девственику, кој може да го прикаже, зашто точиш чудеса и излеваш исцеленија, и се молиш за душите наши, како богослов и Христов пријател.

Преподобен Арсениј Велики

Овој славен светител е родум од една патрициска фамилија во Рим и добро школуван како во светските науки и во философијата така и во духовната мудрост. Кога ја остави сета светска мудрост, се предаде на служба на Црквата и стана ѓакон во големата црква во Рим. Неоженет, повлечен, молчалив, Арсениј мислеше така да го проживее сиот свој живот. Но Промислата Божја го управи неговиот живот поинаку. Царот Теодосиј го зеде за воспитувач и учител на своите синови Аркадиј и Хонориј и го постави за сенатор, опкружувајќи го со големо богатство, почести и раскош. Но сево ова повеќе го притискаше срцето на Арсениј отколку што го задоволуваше. Се случи еднаш Аркадиј направи некоја беља, а Арсениј го казни за тоа. Навредениот Аркадиј му смислуваше тешка одмазда на учителот, за која Арсениј кога дозна се облече во облека на питач, отиде на морскиот брег, седна на кораб и замина за Мисир. Кога пристигна во славниот Скит, му стана ученик на прочуениот Јован Колов и се предаде на подвиг. Се сметаше себеси за мртов и кога некој му јави дека му умрел некој богат роднина и му го оставил во наследство сиот имот, тој одговори: „Па јас умрев пред него, како можам да го наследам!“ Повлечен во една пустинска келија како во гробница, постојано плетеше кошници од палмови лисја, а ноќе Му се молеше на Бога. Ги одбегнуваше луѓето и секој разговор со нив. Само во празнични денови излегуваше од келијата и доаѓаше в црква да се причести. За да не стане мрзлив, си го поставуваше прашањето: „Арсениј, зошто дојде в пустина? “ Помина педесет и пет години како пустиножител и за сето тоа време им беше пример на монасите и слава за монаштвото воопшто. Поживеа с ? на с ? сто години и по долготраен труд и доброволно себеналожено мачеништво се упокои мирно, во 448 година. Се пресели во Царството на Христа Бога, Кого Го љубеше со сето свое срце и со сета своја душа.

Тропар
Велики Арсение Божји угодниче, тебе Христос ти беше кормилар, а ангелите сопатници на лаѓата спасоносна, оклоп ти стана молчанието, очи ти беа молитвите, моли се за нас, пустински ангелу, за и ние озарени од Божјата благодат, по твоите молитви да стигнеме до небесните висини.

Света Емилија

Мајката на Свети Василиј Велики. Во младоста сакаше доживотно да остане девојка, но беше принудена на брак. Роди девет деца и толку ги вдахнови со дух Христов, што петмина од нив станаа христијански светители, и тоа: Василиј Велики, Григориј - епископ Ниски, Петар - епископ Севастиски, Макрина и Теозвија. На старост устрои манастир, во кој живееше со својата ќерка Макрина. Таму се упокои во Господ на 8 мај, 375 година.

Тропар
О мајко од Бога благословена, Емелијо света, ревноста твоја младешка Господ ја умножи во утробата твоја и светот ја спозна силата Божја во децата кои како светила на родот човечки беа подарени. Радувај се, мајко, радувај се, подвижничке, и за нас моли се, ти која и првина и десеток на Бога Му подари.

Преподобен Арсениј Трудољубивиот

Монах киевски. Никогаш не си даваше себеси одмор, а непрестајно се трудеше. Храна земаше еднаш дневно, по залезот на сонцето. Се подвизуваше и се упокои во 14 век.

Тропар
Одмор на телото не даде, блажен Арсение, сe додека не го покори на душата, а стража на устата постави сe додека Името вечно во тебе не се удоми. Спомни си за нас, оче свети, за кого Сонцето залез никогаш не достигна.