Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 28/05/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобен Пахомиј Велики

Родум Мисирец и во младоста незнабожец. Како војник учествуваше во борбата на царот Константин против Максенциј. Потоа, дознавајќи од христијаните за единиот Бог и гледајќи го нивниот благочестив живот, Пахомиј се крсти и отиде во Тиваидската пустина, кај прочуениот подвижник Паламон, кај кого десет години се учеше на подвижнички живот. Тогаш, на местото наречено Тавенисиот, му се јави ангел во облека на схимник и му даде штичка на којашто беше напишан уставот на општежителниот манастир, заповедајќи му таков манастир да устрои на тоа место и прорекувајќи му дека во тој манастир ќе притекнат мнозина калуѓери заради спасение на душите. Пахомиј го послуша Божјиот ангел, почна да подига многубројни келии, иако таму немаше никого освен него и брат му Јован. Кога брат му го укори зошто гради толку непотребни градби, Пахомиј просто одговори дека тој ја следи Божјата заповед, без оглед кој и кога ќе дојде да живее тука. Но наскоро поттикнати од Духот Божји на тоа место надојдоа многу луѓе и почнаа да се подвизуваат според типикот на Пахомиј, добиен од ангел. А кога се зголеми бројот на монасите, Пахомиј постепено подигна уште шест манастири. Бројот на неговите ученици изнесуваше до седум илјади. Свети Антониј се смета за основач на отшелничкиот (пустински) живот, а Свети Пахомиј на манастирското општежитие. Смирението, трудољубивоста и воздржанието на овој Свет отец беа и останаа редок пример за подражавање пред огромен број монаси. Свети Пахомиј изврши безбројни чуда, но и безброј искушенија претрпе од демоните и од луѓето. На луѓето им послужи како роден татко или брат. И мнозина ги побуди да појдат по патот на спасението. И мнозина управи на патот на вистината. Беше и остана голема светилка на Црквата и голем сведок на Христовата правда и вистина. Се упокои мирно во 348 година, во седумдесет и четвртата година од својот земен живот. Многумина од неговите ученици Црквата ги вброја во редот на Светителите, како на пример: Теодор, Јов, Пафнутиј, Пекузиј, Атинодор, Епоних, Сур, Псој, Дионисиј, Псентаисиј и други.

Тропар
Пахомие, велик оче преподобен, за демоните капијо несоборлива, моли се, о ти, преполн саду на благодатта, за нас и сите оние за кои ти беше јавено дека ќе ослабиме, за монасите, за христијаните, и за оние кои талкаат во безумие. О учителе, кој нe потсетуваш да ја бараме Божјата а не волјата своја, да се смируваме, да потрпуваме, и тагата на неверието да ја прогониме. Бога, по твоите молитви да Го прославиме, Кој нe повика на покајание, на преумување, и во Себе на посиновување.

Преподобен Гаврил Велички

Мијалче (подоцна Гаврил Светогорец, Епископ Велички) се родил на 10 март 1926 година, во Штип, од православни родители Методиј (подоцна монах Кирил) и Гора Парнаџиеви. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град. Уште како млад се одликувал со посебна кротост и послушност. Потоа се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград. После дипломирањето, во 1955 година, четири-пет години работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. Покрај работата во училиштето, Мијалче, заедно со својот татко Методиј, работел и како скулптор. Вo 1963 година заминал на Света Гора. За неговиот престој таму директно добил благослов од Игуменијата на Света Гора – Пресвета Богородица. Бил замонашен во грчкиот манастир „Свети апостол Павле“ со монашко име Гаврил. Сето време додека престојувал на Света Гора избегнувал контакти со луѓе. Меѓутоа, неговиот престој таму не траел долго; морал да се врати во својата родна земја. Никогаш не му давал одмор на своето тело – речиси никогаш не спиел, а и кога спиел, секогаш лежел на земја или на тврда рогозина. Иако многу строго постел и бил многу слаб, поседувал голема виталност и енергија. Редовно ги служел сите богослужби во манастирот и непрестајно се трудел во подвигот на умно-срдечната молитва. Тишината и самотијата биле негови постојани сотрудници, затоа и често ги користел двете ближни пештери. Од Бог добил дар на проѕорливост и чудотворство. Во 1981 година, на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, од Синодот на Македонската Православна Црква бил унапреден во архимандрит, а по точно една година бил хиротонисан за Епископ со титула Велички. Иако отсекогаш копнеел и прибегнувал кон тихување, сепак, од послушание прифатил да биде хиротонисан за епископ. Си ја предвидел својата смрт и самиот си отслужил четириесет заупокоени Литургии. На 12 јануари 1990 година, со Евангелието, кое постојано го читал, и со крстот на гради, а во раката – бројаница, мирно Му ја предал својата душа на Бог. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот, покрај својот телесен татко и духовен син, отец Кирил.

Тропар
Светило на Православието, светол столб на подвижниците, од Христа даруван со смирение, отче Гавриле преподобен, срцата на верните по твоите молитви за Христа се отворија, а Дародавецот преку тебе пројави мноштво чудотворства. Радувај се ти, пофалбо на пустиножителите, собеседнику на ангелите, и моли се за сите нас, кои никогаш не нe остави.

Свети Ахил, епископ Лариски

Овој голем јерарх и чудотворец беше роден во Кападокија. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор, на којшто ги посрами еретиците како со својата ученост така и со светоста, предизвикувајќи голем восхит. Зеде Свети Ахил еден камен и им викна на ариевците: „Ако Христос е создание Божјо, како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј?“ Еретиците молчеа и се чудеа на таквата покана од светителот. Тогаш Свети Ахил повторно рече: „А ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен!“. И навистина, на општо восхитување, потече елеј. Свети Ахил се упокои мирно во Лариса во 330 година. Кога македонскиот цар Самоил ја освои Тесалија, ги пренесе моштите на Свети Ахил во Преспа, на островот во езерото којшто се нарече, а и денес се вика Ахил или Аил.

Тропар
Кога Христос би бил Божја творба, залудна би била нашата борба, надежта пропаднала, верата онемела, о Ахиле свети, вистината плотта не ти ја дојави, туку Оној Кој преку тебе вршеше чудеса, лагата замолкна, Величието посведочено, љубовта во верните срца зацарува. Моли се, саду на Божјата благодат: небото и земјата додека постојат ние да се спасуваме по твоите молитви со вера во Бога, Еден во Пресвета Троица, Едносушна и неразделно соединета.

Преподобен Силуан

Најпрво беше комедијант, глумејќи пред секој и секого. Потоа, загреан од љубовта Христова, му стана ученик на Свети Пахомиј. „Готов сум да го дадам и животот, само да добијам простување за гревовите“, говореше Свети Силуан.