Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 01/06/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот свештеномаченик Патрикиј, епископ Бруски, со тројцата презвитери: Акакиј, Меандар и Полиен

Пострадаа за верата Христова во времето на Јулијан Отстапник, во Бруса Азиска. Царскиот намесник Јуниј ги доведе овие светители пред врели води и го запраша Патрикиј: „Кој ги создаде овие лековити води, зарем не нашиот Ескулап и другите, на коишто им се поклонуваме ние?“ Свети Патрикиј му одговори: „Вашите богови се демони, а овие води, како и с ? друго, ги создаде Христос, нашиот Господ и Бог.“ Тогаш намесникот го праша: „А ќе те спаси ли твојот Христос ако јас те фрлам во оваа врела вода?“ Светителот одговори: „Ако сака, Тој ќе ме запази цел и неповреден, иако јас би сакал да се разрешам од овој временен живот за да живеам со Христа вечно; но нека ми биде Неговата Света волја, без која ни влакно не паѓа од главата на човекот!“ Кога го слушна ова, намесникот заповеда Патрикиј да го фрлат во врелата вода. Врели капки прскаа на сите страни и луто ги изгореа мнозина од присутните, но Божјиот светител, на чиј јазик беше непрестајната молитва, остана неповреден како да стоеше во студена вода. Кога го виде ова намесникот се разјари од срам и заповеда на Патрикиј и на тројцата презвитери да им ги отсечат главите со секира. Тогаш овие незлобливи Христови следбеници се помолија и ги положија своите глави под секирата на џелатот. Кога им ги отсекоа главите, нивните души весело се вознесоа во Царството Христово за да царуваат вечно.

Тропар
Мудроста одозгора ја растера безумноста на овој свет, о премудри отче Патрикие, свештеномачениче исповедниче на силата Христова, со поучување многу народ за спасение придоби, но со сведоштво заедно со Акакиј, Менандар и Полиен, вечен живот од Бога измоли. О пастири на Црквата Христова, молете Го Христа Бога, Кој вас ве штитеше со Својата крепка десница, да покаже кон нас милост голема.

Свети Јован, епископ Готски

Беше епископ во Грузија, но кога тамошниот татарски каган почна да ги мачи христијаните, тој се оддалечи на четири години меѓу Готите во Бесарабија. (Готската епархија е образувана во времето на царот Константин Велики). Штом слушна за смртта на каганот, се врати на својата служба и раководеше со својата паства ревносно и богоугодно. Пред смртта рече: „По четириесет дена ќе одам да се судам со каганот“ (т. е. умирајќи ќе отиде пред престолот Божји). И така беше. Четириесеттиот ден се престави и отиде кај Господ. Се упокои мирно во 8 век.

Тропар
Измолен од Бога за утеха на своите родители, се удостои да бидеш посветен на служба Господова, велик епископе Јоване, радувај се ти кој стана светилник на благодатта Христова, застапи се пред Господа за оние кои го празнуваат твојот чесен спомен.

Светиот кнез Јован Вологодски

Чудотворец. Богобојазлив и благочестив од малечок, од својот чичко Јован Василевич беше фрлен во затвор заедно со брат му Димитриј. Таму поминаа цели триесет и две години. Пред смртта Јован се замонаши и го доби името Игнатиј.

Тропар
Трпението твое монаху, Игнатие свети, Небесата ја привлече и Бог благодат ти подари, тегобите од овој свет да бидат ништовни, а мирот во душата и срцето да се зацари. Имајќи во Бога вера непосрамлива, плодовите нејзини со нас ги сподели, и затоа денес молитвено кон тебе припаѓаме, о Игнатие, кој Христа многу Го возљуби.

Светиот преподобен Корнелиј Комелски

Светиот преподобен Корнелиј Комелски (1457 – 19 мај 1537) е светител на Руската Православна Црква, основател на манастирот Комел. Се споменува на 19 мај/1 јуни.

Тропар
Со испоснички трудови безметежен живот стекна, преподобен оче, со солзи духовниот фараон го потопи, и наместо тегоби радост најде. Стоејќи пред Христа во соборот на Светиите, спомни си за чедата кои ти се молат, Корнилие, оче наш.