Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 15/06/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Свети Никифор Исповедник, патријарх Цариградски

Благородник од Цариград. Татко му, Теодор, беше висок чиновник на царскиот дворец, богат и благочестив. Никифор служеше неколку години на дворецот во истиот чин како татко му. Но откако ја виде сета светска суета, се оддалечи на бреговите на Босфор и таму изгради манастир. Набрзо манастирот се наполни со монаси, а тој управуваше со манастирот не сакајќи самиот да се замонаши, под изговор дека е недостоен, иако во с ѐ им служеше на сите за пример. Пред ова, учествуваше на VII Вселенски Собор како мирјанин, по волја на царот и на патријархот и многу му користеше на Соборот со своето извонредно познавање на Светото Писмо. Кога умре патријархот Тарасиј, Никифор беше избран за патријарх, против неговата волја. Веднаш по изборот го прими монашкиот чин и другите чинови по ред и во 806 година беше востоличен во Света Софија за патријарх. Тоа беше во времето на царот Никифор, којшто набрзо потоа отиде во војна со Бугарите и загина. Неговиот син Ставрикиј владееше само два месеци и умре. По ова се зацари царот Михаил Ранкаба, но владееше само две години, додека царот Лав Ерменин не го собори и протера. Кога се зацари овој Лав, патријархот му испрати книга за Православното Вероисповедање за да ја потпише (според обичајот на сите византиски цареви, а што се сметало за заклетва дека ќе се држи и ќе се брани вистинската вера). Царот не потпиша, туку го одложи тоа за после крунисувањето. А откако патријархот го круниса, тој откажа да ја потпише оваа книга и набрзо се објави себеси како еретик иконоборец. Патријархот се обиде да го посоветува и да го врати кон вистинската вера, но попусто. Царот насилно го протера Никифор во прогонство на островот Проконис, каде што во беда и во секакви лишувања помина тринаесет години, па се пресели во вечноста, во 827 година. Како патријарх управуваше со Црквата Христова девет години.

Светиот новомаченик Константин

Роден како муслиман на осторовот Митилена. Откако беше исцелен со помош на Света вода, со што се избави од тешка болест, и откако виде многубројни други чуда на верата Христова, се крсти на Света Гора во Скитот Капсокаливит. Подоцна им падна в рака на Турците коишто по четириесетдневни маки го обесија во Цариград, на 2 јуни 1819 година.

Свети Јован Нов Сочавски

Благородник од Трапезунт. Обвинет од некој завидлив Латин пострада за Христа во 1492 година во градот Акерман. После мачењето, затоа што не сакаше да ја усвои верата персиска (бидејќи градоначалникот беше припадник на таа вера), Свети Јован беше врзан за нозете на еден коњ и влечен по градот. Некој злобен Евреин штом го виде, притрча и го закла. Таа ноќ мнозина видоа огнен столб над неговото тело и три светлоносни мажи околу него. Подоцна војводата молдавски Јоалександар му го пренесе чесното тело во градот Сочава и го погреба во храмот на митрополијата, каде што и денес почива и чудесно ги спасува луѓето од разни маки и болести. Чесно пострада и се прослави на 2 јуни 1492 година.

Светиот свештеномаченик Еразмо Охридски

Овој светител беше родум од Антиохија и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизувше крепко на Ливанската Гора и имаше од Бога голем дар на чудотворство. Како архиереј тргна да го проповеда Евангелието. Кога дојде во Охрид, Еразмо го воскресна синот на некој човек по име Анастас и го крсти овој човек. Во таа прилика крсти и мнозина други незнабошци и ги разори идолските жртвеници во Охрид. За ова беше обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојуваше во Илирија. Царот го изведе пред бакарната статуа на Ѕевс и му нареди да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо направи со благодатта, па од статуата излезе страшен змеј и го исплаши сиот народ. И пак направи светителот со благодатта и змејот пцовиса. Тогаш светителот Го проповедаше Христа и крсти дваесет илјади души. Огорчен царот нареди и ги заклаа сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го стави на тешки маки, па потоа го фрли во затвор. Но му се јави ангел Божји, како некогаш на Светиот апостол Петар и го изведе Еразмо од затворот. По ова овој Божји слуга отиде во Кампанија, каде што им го проповедаше Евангелието на луѓето, па повторно се врати во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера, во која се подвизуваше до смртта. Пред смртта трипати се поклони кон исток и со воздигнати раце Му се молеше на Бога, Бог да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние коишто со вера ќе го повикуваат неговото име. На крајот од молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде како што се молеше, исцелителу мој Еразмо!“ Сиот радосен светителот погледна уште еднаш на небото и го виде венецот на славата кога се спушташе на него и виде хорови ангели, пророци, апостоли и маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата душа. Најпосле самиот возвикна: „Господи, прими го духот мој!“ и издивна, во 303 година. Пештерата со црквичката на Свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномаченик Еразмо.