Светиот свештеномаченик Доротеј, епископ Тирски
Епископ Тирски од времето на Диоклецијан па с ? до времето на Јулијан Отстапник, кога беше намачен и пострада за Православната Вера. На земјата живееше сто и седум години и откако Му угоди на Бога, во 361 година се пресели во вечниот живот. Беше навистина многу учен маж. Напиша многубројни поучни дела на грчки и на латински. Особено се прочуени неговите грчко-латински „Синтагми“.
Тропар
Не искушувај Го Господа твојот Бог, преточено во – не суди никого, тебе пастиру Божји, те понесе во пределите светителски, откриениот живот на пророците и апостолите, Господ преку раката твоја нам ни го предаде, свештеномачениче Доротее. Сега до нив приброен пред престолот Христов, моли Го Него усрдно да побрзаме, кон претстојната борба закрепени од Неговата благодат.
Преподобен Теодор Пустиник
Чудотворец. Си го очисти духот со долгогодишен подвиг во Јорданската пустина и од Бога доби дар на чудотворство. Кога патуваше на кораб кон Цариград, му се случи коработ да залута и снема вода за пиење. Бидејќи патниците на коработ од жед беа веќе близу до смртта, Теодор ги крена рацете кон небото, Му се помоли на Бога и со знакот на Крстот ја прекрсти морската вода. Потоа им рече на морнарите да зафатат од морето и да пијат, а кога пиеја водата беше вкусна и питка. Бидејќи сите почнаа да му се поклонуваат, Теодор ги молеше да не му благодарат нему, туку на Бога Којшто им го направи чудото заради Своето неизмерно човекољубие. Мирно се упокои во 583 година.
Тропар
Угодниче Божји, милоста Негова твоите молитви ги пресретна, и чудеса пројави поради подвигот твој спасоносен. Ние радувајќи се што таков застапник имаме пред веченоста, во ликот твој чест и поклонение ти вознесуваме, Теодоре свети, надевајќи се на молитвите твои, и Бога Го прославуваме во вечни векови.
Преподобен Анувиј
Еден од големите мисирски монаси. Многу пострада за вистинската вера. Кога пред смртта го посетија тројца старци пустиници, тој бидејќи проѕорлив, им ги откри тајните на нивните срца. Се упокои во мир во втората половина на 5 век.
Тропар
Името Господово се впи на усните твои, Анувие преподобен оче, а времето го надмина прославувајќи Го Христа во вечноста, а Он милост на тебе покажа, поткрепувајќи го подвигот твој ангелски, и име твое во книгата на животот се исклеса. Спомни си за нас, оче свети, пред Господа и ангелите, кои душа ти избелија.
Блажениот Игор, кнез Черниговски и Киевски
Киевскиот велик кнез Игор Олгович бил поразен во битка во 1146 година и бил заробен од кнезот Изјаслав, кој го затворил во една дрвена колиба, без врата и прозорци, во еден од руските манастири во Јужен Перејаславл. Оддалечен од суетата на овој свет и тешко болен, свети Игор почнал да принесува покајание за своите гревови и побарал благослов да го замонашат. На 5 јануари 1147 година бил замонашен со името Гаврил. Наскоро закрепнал и бил префрлен во Киево-Теодоровиот манастир, каде што добил голема схима со името Игнатиј и целосно се предал на аскетски подвизи. Но, во Киев владееле големи немири. Черниговските кнезови, братучеди на Игор, правеле заговор за да го убијат. Така, додека свети Игор се молел пред иконата на Пресвета Богородица, луѓето се втурнале во црквата и го извлекле надвор. Бил свирепо тепан, влечен по улиците и на крај, неговото безживотно тело било обесено на градскиот пазар. Бил убиен на 19 септември 1147 година, а неговиот спомен се празнува на 5/18 јуни. Иконата на Пресвета Богородица пред која се молел свети Игор пред да го убијат се нарекува Игорска и денес се наоѓа во црквата на Успение на Пресвета Богородица во Киево-печерскиот манастир во Русија. Празникот на оваа икона е на истиот ден кога се празнува и споменот на блажен Игор. По неговите свети молитви се случиле многубројни чуда.