Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 19/06/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобен Висарион

Роден и воспитан во Мисир. Рано се предаде на духовен живот и не ја извалка духовната одежда во којашто се облече со Светото Крштение. Го посети Свети Герасим на Јордан и го чу Свети Исидор Пелусиот. Го победуваше своето тело со голем пост, со бденија, но колку што можеше го криеше својот подвиг од луѓето. Еднаш четириесет дена стоеше на молитва, не јадејќи и не спиејќи. Имаше голем дар на чудотворство. Постојано место на пребивање немаше, туку до длабока старост живееше по шумите и долините. Исцелуваше болни и вршеше многубројни чуда за полза на луѓето, а во слава на Бога. Се упокои мирно во 466 година.

Тропар
На твоето име, Господи, на Твоето име воздај Му слава – повикуваше о ти, Висарионе отче наш преподобен. Бог преку тебе чудата на Мојсеја, Илија, Елисеја и Исуса Навина ги повтори, со твоето смирение на небесните сили се вподоби, раце и поглед кон небото подигна, молејќи се за спасение на родот човечки. Со молитвени солзи во рацете Божји се предаде, во неискажлива радост премина, моли Го сега Спасителот на сите, да ги помилува душите наши.

Преподобен Иларион Нови

Игумен на Далматската обител во Цариград. Ученик на Григориј Декаполит и подражавател на животот на Иларион Велики, чиешто име и го зеде. Силен во молитвата, истраен и храбар во страдањето. А страдаше многу за иконите за време на злите иконоборечки цареви, Лав Ерменин и другите. Потоа царот Лав го исекоа со меч неговите сопствени војници во истата онаа црква во којашто ги исмеа Светите икони и од каде што ја тргна првата икона. Тогаш Свети Иларион беше пуштен од затвор. Повторно беше мачен и држен в затвор с ѐ до правоверната царица Теодора. Имаше дар на проѕорливост. Ги виде ангелите Божји кога ја однесоа на небото душата на Св. Теодор Студит. Откако Му угоди на Бога, се упокои во Царството небесно 845 година, во својата седумдесетта година.

Преподобните маченички Архелаја, Текла и Сузана

Како монахињи, чисти и девствени, се подвизуваа во еден незабележлив манастир во околината на Рим. Но кога настана гонењето на христијаните под злобниот цар Диоклецијан, тие побегнаа во Кампанија и таму се населија во близината на градот Нола. Нивниот свет живот не можеше да се скрие од луѓето и оние од околните места почнаа да доаѓаат кај нив за совет, поука и помош во маките и во болестите. Но најпосле беа фатени од незнабожците и ги изведоа пред суд. Тие јавно и слободно ја исповедаа својата вера во Христа. Кога судијата Леонтиј ја запраша Света Архелаја за верата во Христа, таа одговори: „Со силата Христова ја уништувам силата ѓаволска, ги учам луѓето на разум, да Го познаат едниот вистински Бог, а со името на мојот Господ Исус Христос, Единородниот Син Божји, преку мене, слугинката Божја, им се дава здравје на сите болни.“ Сите три девици беа биени, поливани со врела смола, морени во затвор со глад и најпосла исечени со меч. Кога ги изведоа на губилиштето, им се јавија ангели, коишто беа видени и од некои од џелатите. Таков страв ги спопадна, што не смееја да подигнат меч врз Светите девици. Но овие ги охрабрија да си ја извршат должноста. И така, беа заклани како јагненца во 293 година и отидоа во Царството Христово за вечно да почиваат и да се насладуваат гледајќи го лицето Божјо.

Тропар
Архелаја девственичке света, душата твоја со благодат оросена, изли Христово благоухание над Текла и Сузана, и сите заедно поитавте кон светлината незалезна, со светила запалени и елеј непотрошлив, од кого ние денес молиме да се подаде пред Господа, за спасение на нашите души.