Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 27/07/2018

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот апостол Акила

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Како Евреин живееше најнапред во Италија со жена му Прискила. Кога царот Клавдиј нареди да се протераат Евреите од Рим и од Италија, тогаш Акила се пресели во Коринт, каде што првпат го запозна апостолот Павле, кој остана во неговиот дом една и пол година и го крсти него и жена му. Горејќи од ревност за верата Христова Акила и Прискила го придружуваа Павле во Ефес и му помагаа во апостолското дело. Од Ефес Павле го напиша своето Прво послание до Коринтјаните, во кое при крајот вели: „Ве поздравуваат многу Акила и Прискила со својата домашна црква“ (16, 9). По смртта на царот Клавдиј, на Евреите им беше дозволено да се вратат во Италија, па Акила и Прискила се вратија во Рим. Потоа пишувајќи го Посланието до Римјаните од Коринт, Светиот апостол Павле ги поздрави своите стари пријатели и сотрудници: „Поздравете ги Прискила и Акила, помошниците мои во Христа Исуса, кои за душата моја своите гуши ги положија, на коишто не јас еден им благодарам, туку и сите цркви незнабожечки, и домашната црква нивна“ (16, 3 - 4). Подоцна повторно го гледаме Акила во Ефес, каде што дејствува заедно со Свети Тимотеј. Окован во Рим, Павле му пишува на Тимотеј во Ефес: „...поздрави ги Акила и Прискила“ (II Тим. 4, 19). Како епископ Акила крсти многумина и ги просвети со верата, урна идоли, соѕида храмови, постави свештеници и ја пронесе меѓу луѓето славата на Божјиот воплотен Син. Најпосле беше убиен од озлобените незнабожци и се пресели во Царството на Господ Христос.

Преподобен Елиј

Мисирски монах од 4 век. Од раната младост се посвети на монашки подвизи во пустината, така што со својот живот и со моќните чуда предизвика восхит кај мирјаните и кај монасите и иако бегаше од човечка слава, не можеше да се скрие. Имаше големи борби со ѓаволските прелести, особено за време на долготрајниот п/ост. Ѓаволот му прикажуваше час мед час прекрасни јаболки, но тој не даваше да биде измамен. Имаше дар на проѕорливост, гледаше во човечките срца и ја погодуваше сечија страст и помисла не за да го покаже своето таинствено знаење, но за да ги исправи луѓето.

Преподобен Никодим Светогорец

Се родил во 1749 година на кикладскиот остров Наксос. Неговите родители Антонија и Анастасиј Каливурси биле благочестиви христијани. На Крштението го добил името Никола. Високо образование стекнал во малоазискиот град Смирна, каде што учел богословие и учел јазици. Поради угнетувањето на христијаните во Измир бил принуден да се врати во своето родно место. Во 1775 година заминал на Света Гора и во манастирот Дионисијат примил монашки потстриг, добивајќи го името Никодим. Како монах бил познат по своите кротост и смирение. Ја напишал книгата „Невидлива борба“. Се упокоил во 1808 година. Неговата глава се чува во Кареја, а остатокот од моштите се наоѓа во манастирот посветен во негова чест, во областа Гуменица.