Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 20/08/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобниот маченик Дометиј

Роден е во Персија како незнабожец, во времето на царот Константин. Како момче се запозна со верата Христова, го остави незнабоштвото и се крсти. Толку ја засака вистинската вера, што напушти с ? светско и се замонаши во еден манастир кај градот Нисивија. Во братството поживеа некое време, па се оддалечи на безмолвие кај некој архимандрит Нурвел, за кого се вели дека шеесет години не јадел ништо варено. Старецот Нурвел го заѓакони, па кога сакаше да го принуди и во чин на свештеник, Дометиј побегна во некоја пустинска гора и се насели во една пештера. Достигна толкаво совршенство низ постот, молитвата, бдението и богомислието, што исцелуваше болни. Кога во тие предели дојде Јулијан Отстапник, слушна за Дометиј, па испрати луѓе коишто го заѕидаа жив во пештерата заедно со неговите двајца ученици. Така заврши овој Божји Светител во 363 година и се пресели во Божјото Царство.

Тропар
Испоснички подвизувајќи се на гората, со Крстот како силно оружје, умното мудрување на демонските полкови го разруши, о ти блажен Дометие. Во мажествено мачеништво облекувајќи се, го погуби Копроним со мечот на верата; така ти, секогаш славен преподобномачениче, со двоен венец од Бога се овенча.

Преподобен Ор

Отшелник Тиваидски. Имаше преголем подвиг и достигна големо совршенство. Кога добро се утврди и се освети себеси во самотијата, тогаш постепено основа неколку манастири и беше извонреден духовен раководител и наставник на мнозина монаси. Руфин, којшто го посети, вака го опишува: „Во својата облека тој личеше на Божји ангел, деведесетгодишен старец со долга брада бела како снег, со многу пријатна надворешност. Неговиот поглед светеше со нешто натчовечко.“ Повеќепати видел ангели Божји. Особено се трудеше никогаш да не изговори невистина. Имаше големи искушенија од демоните, но трезвено и храбро ги совлада сите. Се причестуваше секојдневно. Еднаш неговиот ученик го опомена дека е Воскресение и дека треба да се празнува. Кога го слушна тоа, тој излезе надвор, ги крена рацете кон небото и три дена помина во молитва без одмор. Па му објасни на ученикот: „Тоа и е празнувањето на Воскресението за монахот, да го возвиши својот ум и да го соедини со Бога.“ Се упокои во длабока старост, околу 390 година.

Тропар
Слово на смиреномудрието, со ангелите трка непрестајна во Богоугодништво водеше, на сите како на Христа нозе им миеше, собирајќи така благодар врз благодат, о пастиру Господов, Оре преподобен, моли се за нас, свет молитвениче, да не се умориме името Христово повикувајќи го, по твоите свети молитви.

Светите маченици Марин и Астериј

Првиот беше војник, а вториот римски сенатор. Во времето на царот Галиен Свети Марин служеше како војник во Кесарија Палестинска. Заради верата во Христа беше убиен со меч. На неговото страдање присуствуваше сенаторот Астериј, којшто беше христијанин. Тој ја симна од себе својата долама, го обвитка телото на маченикот, го зеде на рамо, го однесе и чесно го погреба. Кога го видоа тоа незнабожците го убија и него со меч. Чесно пострадаа за Христа во 260 година.

Тропар
Браќа по дух, раководени од ревноста по Бога, Го исповедате Оној Кој луѓето ги создаде, а вас во познание еден на друг ве приведе во својата света соборна, Апостолска Црква. Радувајте се, маченици свети, и за нас молете се пред Оној Кој побара едно да бидеме.

Преподобен Пимен Многуболезнен

Од малечок болежлив и од малечок желен за монашки живот. Во Печерската лавра го донесоа заради исцеление, но тој остана таму до смртта. Повеќе Му се молеше на Бога за болест одошто за здравје. Ноќе му се јавија ангели и го потстрижаа за монах. Тогаш му рекоа дека ќе боледува до смртта и дека пред да умре ќе оздрави. Така и стана. Дваесет години лежеше на постела. Правеше големи чуда за време на животот и беше голем проѕорливец. Пред смртта стана од постелата наполно здрав и веднаш почна да си подготвува гроб. Се упокои во Господ во 1110 година.

Тропар
Болестите подвиг станаа кој душата ја очисти, а тебе со трпение и смирение те наоружа, о Пимене, свет подвижниче, даровите од Бога, испратени на радост и спасение наше, ти ги умножи со благодатта која те крепеше. За нас, сега, ти моли се, кој во тагата на болеста, радост во Христа пронајде.

Светиот свештеномаченик Наркис, патријарх Ерусалимски

Убиен со меч во времето на Антигон, во 213 година, во сто и шеснаесеттата година од животот.

Тропар
Радувај се, пастиру Божји, и за нас моли се старче праведен, кого ревноста по Христа те доведе во пределите рајски, о Наркисе, свет чудотворче, чии молитви и зборови слобода и смелост имаат пред Едниот Бог во Пресвета Троица.