Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 02/09/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот пророк Самуил

Петнаесетти и последен од Судиите на Израилот. Живееше илјада и сто години пред Христа. Роден е во племето Левиево, од родителите Елкан и Ана, во местото Рамат или Ариматеја, каде што подоцна се роди и благообразниот Јосиф. Бездетната Ана со солзи го измоли Самуил од Бога и штом наполни три години Му Го посвети на Бога. Самуил живееше во Силоам крај ковчегот на заветот, а кога имаше дванаесет години имаше вистинско откровение од Бога за казната што му претстои на домот на првосвештеникот Илија заради расипаноста на неговите синови Офин и Финес. Тоа откровение наскоро и се изврши: Филистејците ги избија Израилците, ги убија обајцата синови на Илија и го запленија ковчегот на заветот. Кога гласникот му ја соопшти оваа вест на Илија, тој падна мртов на земја и издивна на деведесет и осумгодишна старост. А тоа истото се случи и со неговата снаа, жената на Финес. Оттогаш дваесет години Израилците им робуваа на Филистејците. По овој рок му го испрати Бог на народот Самуил за да му проповеда покајание, ако сака да биде избавен од своите непријатели. И народот се покаја и ги отфрли туѓите идоли на коишто им служеше и го призна Самуил за пророк, свештеник и судија. Тогаш Самуил појде со војска против Филистејците и со Божја помош ги збуни, и ги уби, и ги ослободи земјата и народот. Потоа мирно му судеше на народот до својата старост. Гледајќи го дека остаре, народот му рече да им постави цар наместо себеси. Самул го одвраќаше народот од ова велејќи им дека единствен нивни цар е Бог, но народот остана упорен во ова барање. Иако ова Му беше неугодно на Бога, Бог му нареди на Самуил и им го помаза за цар Саул, Кисовиот син, од Венијаминовото племе. Саул царуваше кратко време и Бог го отфрли заради неговата непослушност и дрскост, па му нареди на Самуил Давид Јесеев да биде помазан за цар наместо Саул. Пред својата смрт Самуил го собра сиот народ и се прости со нив. А кога умре, по него плачеше сиот Израил, а го погребаа чесно во неговиот дом во Рама.

Тропар
Ах, Господи Боже наш, народ не Те послуша, наместо љубов, власт над себе од човек побара, да го води на каде не сака, да не се прашува каква е Божјата волја. Самуиле, Самуиле, пророче на Животот во векови, и денес опомена од тебе како знаме развива: на Бога, народе, во љубов да послужите, за семето ваше да преживее, едни со други да се љубите, затоа што само така Царство ќе наследите.

Светиот свештеномаченик Филип, епископ Ираклиски, со свештеникот Север и ѓаконот Хермес

Се мисли дека беа Словени. Му служеа на Бога во Тракија, каде што беа предадени на маки. Кога незнабожците јурнаа да ја запалат христијанската црква, Филип храбро му рече на нивниот старешина: „Мислиш дека Бог е затворен во карпите? Он живее во срцата“. Храмот го разорија, а книгите ги запалија и овие свештеници ги одведоа во Едрене, каде што после робија и маки беа исфрлени полуизгорени во реката Марица. Со нив загинаа маченички уште триесет и осуммина христијани. По с ? изгледа ова се случи во времето на Диоклецијан.

Тропар
Трагајќи по вистината, го надминавте човечкото мудрување: Филипе, кој во омофор на благодатта се облече, Севере, кој Евангелски паствата ја раководеше, и Хермесе, гласнику на Бога Живиот. Стигнавте поведени од Христа во небесните дворови каде венци маченички примајќи заедно со уште триесет браќа по дух, молете се за нас кои го чествуваме вашиот свет спомен.

Преподобен Серафим Роуз

Еромонах Серафим (во светот Јуџин Денис Роуз, 13 август 1934 година, Сан Диего, Калифорнија - 2 септември 1982 година, Платина, Калифорнија) - свештеник на Задграничната Руска Православна Црква, јеромонах, духовен писател, автор на бројни дела кои имале големо влијание врз православниот живот во САД, а предизвикале голем интерес низ целиот свет.

Тропар
Како верен аскет на светиот Герман, ти процвета како духовна роза во Платина. Како просветител на Православието во Америка, твоите дела даваат надеж низ целиот свет, учејќи н? на вистинската вера. О, блажен Серафиме, моли Го Бога за нас.