Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 04/09/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светите маченици Агатоник, Зотик и другите со нив

Свети Агатоник беше никомидиски граѓанин, по вера христијанин. На заповед од царот Максимијан, царскиот намесник луто ги гонеше христијаните. При тоа гонење во некое место Карпин го фати Свети Зотик, ги распна на крст неговите ученици, а самиот Зотик го доведе во Никомидија, каде што ги фати и ги врза уште и Агатоник, Принкипс, Теопрепиј, Акиндин, Северијан, Зенон и многу други. Сите цврсто врзани ги поведе во Византија, но патем од рани и изнемоштеност испоумреа Светите Зотик, Теопрепиј и Акиндин. Во близината на Халкидон го убија Св. Северијан, а Агатоник и останатите беа одведени во Тракија, во местото Силимврија, каде што после мачења беа убиени со меч и влегоа во радоста на својот Господ.

Тропар
Крв јагнешка и јарешка не посака Господи, жртва сепаленица отфрли, а само срце скрушено и смирено не презре, та затоа Црквата ја втемели на каменот на Твоите свети заповеди. Глава Си нејзина Ти Господи, а темелите ги зацврсти со крвта на твоите маченици, кои срце чисто ти принесоа, по нивните молитви свеќникот наш да не се помести.

Светата маченичка Евлалија

Во времето на страшните гонења на христијаните во Шпанија живееше една девица Евлалија, родена од родители христијани, во местото наречено Варкинон. Сета предадена на Христа како на свој Женик, сета вдлабочена во Светото Писмо, таа истрајно се трудеше во драговолни подвизи на духот и телото. Кога мачителот Дакијан немилосрдно ги убиваше христијаните ширум Шпанија, па дојде во Варкинон, Евлалија ноќе се искраде од кај родителите, излезе пред мачителот и пред многуброен народ го изобличи за убивање невини луѓе, а ги исмеа и мртвите идоли и јавно ја исповеда својата вера во живиот Господ Христос. Разјарен Дакијан нареди да ја разголат и да ја бијат со стапови. Но Светата девица изјави дека заради Христа не чувствува ни болки ни маки. Тогаш мачителот ја приврза крстообразно за едно дрво и нареди телото да ? го палат со свеќи. Ја запраша каде е нејзиниот Христос сега да ја спаси. А Евлалија одговори: „Овде е со мене, но ти заради твојата нечистотија не можеш да Го видиш.“ Евлалија го предаде својот дух на Бога во големи маки. Кога издивна, видоа како од нејзината уста излегува бел гулаб. Тогаш ненадејно падна снег и го покри голото тело на маченичката како да е фустан. Третиот ден дојде Свети Феликс и жално плачеше пред висечкото тело на Света Евлалија. Тогаш на мртвото лице на светителката се појави насмевка. Нејзините родители дојдоа заедно со други христијани и чесно го погребаа телото на Светата девица. Света Евлалија пострада за својот Господ и појде во вечната радост на почетокот од 4 век.

Тропар
Девственичке Христова, Евлалијо света, која ревносно по Патот тргна босонога; ангелски крилја доби и благодат изобилна за Бога да Го исповедаш пред оние кои седеа во смртна сенка. Устата твоја сега во Небесното Царство, света маченичке, нека секогаш се застапува за нас кои при тебе молитвено припаѓаме.

Светата маченичка Антуса и другите со неа

Ќерка на богати но незнабожни родители од Селевкија во Сирија. Кога дозна за Христа, Света Антуса со сето срце поверува во Него, тајно појде кај епископот Атанасиј и тој ја крсти. На Крштението ? се јавија Божји ангели. Потоа отиде на подвиг во пустина, зашто не смееше да се врати дома кај родителите. Се подвизуваше во пустината дваесет и три години. Душата Му ја предаде на Бога додека клечеше на молитва на еден камен, под којшто заветуваше да биде погребана. Потоа, заради верата во Христа беа заклани епископот Атанасиј и двајцата слуги на Антуса, Харис и Неофит, во времето на царот Валеријан, околу 257 година. Сите пострадаа чесно, стекнувајќи венци на невенлива слава.

Тропар
Велика си ти, Антусо, подвижничке на Бога Живиот, која презрена од блиските по плот, стана сотрудничка на ангелите и светиите. Радувај се, мајко преподобна, и за нас моли Го Господа, ти која од Аголниот Камен не се оддели и на Него душата своја ја положи.