Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 10/09/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобен Мојсеј Мурин

Родум Етиопјанин, а најнапред по занимање беше разбојник и водач на разбојничка дружина. Потоа покајник и голем подвижник. Како роб на еден господар, Мојсеј побегна и се вброја меѓу разбојниците. Заради неговата голема телесна сила и безобѕирност, разбојниците го избраа за старешина. Одеднаш го навали грижа на совеста и покајание за злосторствата што ги имаше извршено. Ја остави дружината, стапи во еден манастир и се предаде на потполна послушност кон својот духовник и на манастирскиот типик. Многу се служеше со поуките на Светите Макариј, Арсениј и Исидор. Подоцна се повлече на безмолвие во една келија, каде што сиот се предаде на телесен труд, молитва, бдение и богомислие. Беше многу мачен од демонот на блудот. Кога му го исповеда ова на духовникот Исидор, доби совет да пости што повеќе и да не јаде до ситост. Но кога и тоа не му помогна, тој на совет од Старецот почна ноќе да бдее и да се моли стоејќи. Потоа си постави обичај по цела ноќ да им носи на Старците вода од бунарот. После шестгодишен страшен труд, најпосле Свети Исидор чудесно го исцели од блудните помисли, мечтаења и сништа, наведувани врз него од демоните. На старост беше ракоположен за свештеник. Основа свој манастир и имаше седумдесет и пет ученици. Во овој живот поживеа седумдесет и пет години. Својата смрт ја виде предвреме и еден ден им рече на учениците да бегаат, зашто на манастирот ќе навалат вараварите. Кога учениците почнаа и него да го викаат да бега, тој рече дека самиот треба да загине од насилство, како што некогаш и го вршел, според зборовите: „Кој се фаќа за нож, од нож ќе загине“ (Матеј 26, 52). Остана со шестмина од браќата: дојдоа варварите и ги заклаа. Еден од монасите на братството беше скриен во близина и гледаше како ги убиваат. Виде кога седум светли венци се спуштаа врз седумтемина маченици.

Тропар
О, преподобен отче пустински, ти кој ангели и демони гледаше, со едни беседеше, за други се молеше, кон небесата повикуваше – отвори ми ги, Господи, портите небесни. Но, отче Мојсее, Христа во срце носејќи Го, чаша од Него побара да допиеш, за нож се фати, преку него во предели рајски замина. Моли се, учителу на монасите, по твоите молитви, Чашата на спасението докрај да ја испиеме.

Преподобен Сава Псковски и Крипецки

По потекло Србин. Се подвизуваше најпрво во Псковскиот манастир на Пресвета Богородица, каде што беше игумен. Но бидејќи го славеа, тој бегаше од човечка слава. Се оддалечи на брегот на езерото Крипец и таму основа обител во име на Свети Јован Богослов. Сепак и овде не можеше да се скрие од славата и прочуеноста. Го посети и псковскиот кнез Јарослав со жената. Сава не ? дозволи на жената да влезе во манастирот, но ја благослови и Му се помоли на Бога за неа надвор од манастирот, при што ја исцели од некоја болест. Овој Божји светител се упокои во 1495 година. Неговите мошти тогаш беа и сега се чудотворни.

Тропар
Непознат за светот, но близок на Бога, пастир постана облагодатен, од Духот Кој во тебе пребиваше и исцеление подаваше на верните во Христа, оче Саво преподобен. Слава и пофалба на Господа Кој преку тебе Својот светија, мир подава и спасение на оние кои кон тебе припаѓаат, просејќи ги твоите свети молитви.

Собор на сите Печерски богоугодници