Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 13/09/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Празник на појасот на Пресвета Богородица

После своето успение, Пресвета Богородица му го даде својот појас на апостолот Тома. Тој појас подоцна беше пренесен во Цариград и чуван во запечатен ковчег во црквата на Пресвета Богородица во Влахерна, што ја изгради царицата Пулхерија. Овој ковчег никогаш не се отвараше, с ? до времето на царот Лав Мудриот (886 г. – 912 г.). Сопругата на Лав, царицата Зоа, душевно се разболе, и според некое таинствено видение посака врз неа да го положат појасот на Пресвета Богородица. Царот го помоли патријархот, па го отворија ковчегот, го извадија појасот и го положија врз болната царица. Таа веднаш оздраве. Во спомен на тоа чудо се востанови овој празник. Дел од тој појас се наоѓа во Грузија, во Зугдид. Имено, ќерката на царот Роман се исцели со помош на овој појас и подоцна, кога се омажи за царот Абухаз Грузиски, таа понесе дел од појасот со себе. На заповед од рускиот цар Александар I изградена е посебна црква во Мингрелија во Зугдид, каде што се чува тој дел од чудотворната облека на Пресветата Божја Мајка.

Тропар
Богородице Приснодево, заштитнице на луѓето, ризата и појасот на Твоето пречисто тело си ги дарила на Твојот град како моќна ограда, останувајќи нетлена поради Твоето бессемено раѓање, зашто во Тебе се обновува и природата и времето. Поради тоа Те молиме, мир на Твојот град да му даруваш, а на душите наши милост голема.

Кондак
Твојата утроба, Богородице, која Го смести Бога, препашана со Твојот чесен појас, за Твојот град е сила непобедлива, и неисцрпна ризница на добра, единствена Која роди, и вечно остана Дева.

Свети Генадиј, патријарх Цариградски

За патријарх дојде после Свети Анатолиј. Современик на Св. Маркијан (10 јануари) и на Св. Данило Столпник (11 декември). Во негово време е основан славниот манастир наречен Студитски според римскиот сенатор Студиј. Сенаторот Студиј со благослов на Генадиј дојде во Цариград, му подигна црква на Св. Јован Предвесник и подигна манастир при црквата. Беше многу кроток и воздржлив. Не ракоположи за свештеник никого којшто не би го знаел наизуст целиот Псалтир. Претседаваше со помесниот собор во Цариград, на кој е анатемисана симонијата во Црквата. Правеше чуда и во видение дозна за својата смрт. Со Црквата управуваше тринаесет години. Се престави кај Господ мирно, во 471 година.

Тропар
Кроток Христов пастиру, ревносен молитвениче, кој достојно стадото го пасеше, Генадие свети, денес Бога прославувајќи Го, го чествуваме споменот свет твој, и како што земниот живот пазеше вистината и мирот да пребива во Црквата, така и сега измоли од Господа Невестата Негова да се излекува од немир, разномислие и несоборност, за спасение на сите, во слава Господова.

Светиот свештеномаченик Кипријан

Се роди од родители неверни и самиот беше воспитан во незнабоштво. Стана прочуен во Картагена како учител за философија и реторика. Беше женет. Но кога стана христијанин, престана да живее со жената и се предаде на деноноќен подвиг на проучување на Светото Писмо и восовршување на својот карактер. Заради неговите необични добродетели беше избран за презвитер, а набрзо и за епископ. Колку што беше милостив кон христијаните толку беше тврд кон еретиците. Под раководство на Светиот Дух напиша бројни поучни дела. Особено снажно пишуваше против идолопоклонството, јудаизмот и ереста на Новацијан. Прекрасни му се написите за девственоста, за мачеништвото, за милостињата, за трпението, за молитвата Господова итн. Пострада во времето на Валеријан и Галиен, во 258 година. Пред смртта Му се помоли на Бога, го благослови народот, и остави дваесет и пет златници за да му се дадат на џелатот што ќе го погуби. Тој е пример на недостижна христијанска величина и великодушност.

Тропар
Допирот со Вистината, о земни мудрецу Кипријане, те вознесе до благодатно крштение и очите се отворија за Христовиот нов војник, кој ја отфрли заблудата и се запали со покајание. Радувај се, смирен свет епископе, кој преклонувајќи ја главата на посекување, ја доби љубовта и спасението од Главата на сите и за нас моли се пред Оној Кој с? гледа и Е насекаде.

Свети Јован, митрополит Киевски

По потекло Бугарин. Дојде во Киев во 1080 година и веднаш стекна таков углед, што наскоро го поставија на митрополитскиот престол. Управуваше со Црквата осум години. Му напиша на папата Климент послание во кое го изобличи за индулгенциите што ги воведе Римската црква. Се упокои мирно во 1089 година.

Тропар
Те испрати виорот на вистината да ја возвестиш слободата Христова, срце ти запали ревноста да ја браниш честа на Црквата, о Јоване, слуго и пастиру Божји, моли се за нас и застапи се пред Господа денови за преумување да добиеме.