Светиот маченик Мамант
Родум од Пафлагонија, од Теодот и Руфина, прочуени христијани. Неговите родители беа фрлени во затвор заради Христовото име. Во затворот прво умре татко му, а потоа мајка му откако го роди и самата се упокои. Така значи остана младенецот во затворот меѓу мртвите тела на своите родители. Но Промислителот Бог го испрати Својот ангел кај некоја благородна вдовица Ама, на којашто ангелот ? се јави во сон и ? рече да отиде во затворот и да го земе детето кај себе. Ама измоли дозвола од градоначалникот да ги закопа умрените, а детето го зеде во својот дом. Почна да зборува дури кога наполни пет години и првиот збор му беше „мама“. Заради ова и го доби името Мамант. На училиште Мамант покажа необична бистрина, а бидејќи од дома беше воспитан во христијански дух, не ја криеше својата вера, туку ја исповедаше пред врсниците исмевајќи ги идолите. Во времето на царот Аврелијан имаше жестоко гонење на христијаните. Незнабожците не ги штедеа ни христијанските деца. Мамант имаше петнаесет години кога беше изведен пред царот. Царот му рече барем на збор да се одрече од Христа, на што Мамант му одговори: „Ни во срцето ни со устата нема да се одречам од мојот Бог и Цар Исус Христос.“ Царот нареди и го биеја, го гореа со свеќи и најпосле го фрлија в море. Но ангел Божји го спаси и го одведе на висока гора, близу Кесарија. Овде тој живееше во осама и во молитва. Од неговата светост се спитомуваа дивите ѕверови. Најпосле тука и беше пронајден од гонителите и повторно подложен на маки. Откако ја победи силата на огнот и на дивите ѕверови, го прободија со трозабецот на некој идолски жрец. Така Му ја предаде својата света душа на Бога, Кому Му остана верен во сите маки. Од неговите мошти се случија многубројни исцелувања на болни.
Тропар
Блажен си ти, Маманте, кој тргна по патот Господов, ѕверовите природни ги скроти, а се засолна од луѓе ѕверолики, природата се поврати во служба на човека, бесовите ги напуштаа оние што кон тебе прибегнуваа, а со покој маченички Христа Го прослави. Радувај се, мачениче, кој пред Бога за нас молитви вознесуваш, и победата Христова во векови ја возвестуваш.
Свети Јован Постник, патријарх Цариградски
Се празнува и на 30 август. Најпрво беше златар, па по Божја Промисла, а заради својата голема добродетелност беше посветен за свештеник. Како млад Свети Јован еднаш одеше со некој стар монах, Евсевиј, од Палестина. Одеднаш му дојде глас на Евсевиј од некого невидлив: „Авво, не оди од десната страна на великиот Јован!“ Вака гласот Божји ја навестуваше велката служба на којашто Јован наскоро требаше да биде повикан. После блажениот Евтихиј, Јован беше избран за патријарх Цариградски. Никако не сакаше да прими, но беше застрашен од некое небесно видение, па затоа прими. До својата смрт беше испосник, молитвеник и чудотворец. Се упокои во 595 година. По неговата смрт како единствена сопственост кај него најдоа една дрвена лажица, една ленена кошула и една стара облека. Прочуени се неговите списи за покајанието и за исповедта.
Тропар
Со пост и молитва се оддалечи од служење на телото, блажен Јоване, и смирувајќи ги со благодатта страстите, сонот го победи – пастиру на овците словесни, затоа Господ те постави да бдееш над стадото Негово, помагајќи ти во с? и услишувајќи ги твоите свети молитви, на кои и ние денес се надеваме, славејќи Го Господа и повикувајќи те тебе пред престолот Божји.
Свети Елеазар
Син на Арон, втор по ред Израелски првосвештеник. Помошник на Мојсеј при пребројувањето на Израилскиот народ и помошник на Исус Навин при поделбата на земјата ветена на дванаесетте колена. Верно го чуваше ковчегот на заветот во Силом. Се упокои мирно.
Тропар
Аронов сине Елеазаре, првосвештениче Господов, Мојсеева рака свештеничка и Исусова силна мишка, и ти, Финесе, кој Бога Го смилува, ревност праведникова покажа, и завет на свештенство измоли од Седржителот. Молете се за родот човечки, достојнославни верни во Господа.
Празник на чудото на Пресвета Богородица на иконата Калужска
Во 1748 година во куќата на еден бојарин во близина на градот Калуга во Русија две слугинки пронајдоа икона на која беше изобразен прекрасен женски лик украсен со светост. Една од слугинките ја нарече светата икона игуманија, а другата подбивајќи се плукна врз иконата и во истиот час падна и се запени соборена од нечист дух. Ноќе на нејзините родители им се јави Пресвета Богородица и им јави дека Таа Самата е изобразена на иконата, а за исцеление на нивната ќерка им посоветува да повикаат свештеник и тој да ѝ прочита молитва и да ја ороси со Света водичка. По исцелувањето, нивната ќерка Евдокија се подобри во карактерот.