Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 25/10/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светите маченици Тарах, Пров и Андроник

Тарах беше родум од Клавдиопол во Сирија; Пров од Сида Памфилиска, а Андроник - син на угледен граѓанин од Ефес. Мачени беа сите тројца заедно од антипатот Нумериј Максим во времето на царот Диоклецијан. Во времето на мачењето Тарах имаше шеесет и пет години. Кога антипатот трипати го праша за името, тој сите трипати одговори: „Христијанин“. Прво ги биеја со стапови, па крвави и изнаранети ги фрлија во затвор. Потоа повторно ги изведоа на истизавање. Кога антипатот го советуваше Пров да се одрече од Христа, ветувајќи му почести од царот и нудејќи му го своето пријателство, Св. Пров одговори: „Ниту почестите на царот ги сакам ниту твоето пријателство.“ А кога на Св. Андроник му се закануваше со уште поголеми маки, младиот Христов маченик му одговори: „Моето тело е пред тебе, прави што сакаш.“ После долготрајни мачења по разни места, овие тројца маченици ги фрлија во театар пред ѕверовите. Пред нив едни други маченици во истиот театар беа растргнати од ѕверовите. Но на овие светители ѕверовите не сакаа да им наштетат, туку мечката и лавицата се умилкуваа околу нив. Кога го видоа тоа многумина незнабожци поверуваа во Христа и му се развикаа на антипатот. Бесен од лутина, и полут од ѕверовите, антипатот им нареди на војниците, та влегоа и со сабји ги искасапија мачениците на парчиња. Телата им останаа измешани со мртвите тела на останатите осуденици. И бидејќи беа измешани со другите, а ноќта беше темна и христијаните беа во недоумение како да ги распознаат телата на мачениците, Му се помолија на Бога и одеднаш се појавија три свеќи над телата на тројцата светители. Потоа ги зедоа и чесно ги погребаа.

Свети Мартин епископ Турски

Роден во Панонија, во еден град на Штаерска, во 316 година, од родители незнабожци. Татко му беше римски офицер и со ова и младиот Мартин, наспроти неговата волја, беше даден на војничка служба. Но тој веќе беше огласен во Христовата Црква, којашто ја љубеше со сето срце уште од раното детство. Една зима патувајќи со другарите кон градот Амиен, виде пред капијата на градот еден просјак како речиси трепери од студ. Мартин се сожали, заостана од другарите, ја симна од себе војничката наметка, ја пресече со сабјата на две: едната половина му ја даде на просјакот, со другата се загрна и замина. Таа ноќ му се јави во сон Господ Христос Кој им рече на Своите ангели: „Мартин е само огласен, а еве Ме облече со својата облека!“ Кога излезе од војската Мартин веднаш се крсти, ја крсти и мајка си. Потоа се замонаши во епархијата на Св. Илариј Поатиски и водеше живот полн со вистински подвиг. Беше извонредно смирен и заради смирението Господ му даде изобилен дар на чудотворство, така што и мртви воскреснуваше и зли духови изгонуваше. Наспроти неговата волја беше поставен за епископ во градот Тур. После многуплодната работа во лозјето Господово, после мачната борба со еретиците аријанци и незнабожците, Св. Мартин Му ја предаде својата света душа на Господ во 397 година.

Тропар
Блажен си ти, Мартине, од Господа благословен, Кој молба ти услиша и војник Негов те направи. А ти евангелски народ приведе кон спасение при раце Христови, Кој сила подавајќи ти, со чудотворства те обдари, на сите покажувајќи ги плодовите од срцето твое смирено. Моли се за нас, пастиру Божји, Кој удел имаш во светлината незалезна.

Преподобен Козма Мајумски

Благочестивите родители на светиот Јован Дамаскин, кои живееле во градот Дамаск, зеле во својот дом едно мало христијанско сираче по име Козма, родум од Ерусалим, кое многу рано останало без родители. Посинувајќи го малиот Козма, тие го воспитувале заедно со својот син Јован. Двајцата светители уште од мали ја изучиле мудроста Божја. Бистри и трудољубиви, за кратко време ја изучиле книжевноста и философијата, а покрај тоа и астрономијата, музиката и геометријата. Најревносно го изучувале Светото Писмо и поради тоа биле почитувани од сите. Духовно пораснати и во зрели години, двајцата го напуштиле светот и отишле во лаврата на свети Сава Осветен. Земајќи го на себе монашкиот јарем, Козма строго се подвизувал, и со животот и богомудроста заблескал во Црквата Христова. Му помагал на свети Јован Дамаскин во составувањето на Осмогласникот, но и самиот испеал многу канони. Напишал прекрасни канони за Успение на Пресвета Богородица, Божик, Крстовден, Сретение (со стихири), Педесетница, трипесници на понеделникот, вторникот, средата и петокот во Страсната Седмица. Исто така, свети Козма ја составил особено боговдахновената песна во чест на Пресвета Богородица: „Честнејшују херувим…“ Подоцна, свети Козма бил поставен за епископ Мајумски. Како епископ, богоугодно го пасел своето стадо на спасоносното пасиште Христово. Доживувајќи длабока старост, мирно се упокоил во Господ на 12/25 октомври.

Тропар
Острината на лицето твое ја издаваше длабочината на духот и тагата поради падот човечки, безумието на темнината и жалоста за оние кои на Бога не пеат „Алилуја“. Затоа Севишниот, Кој срцата ги испитува благодатно го ободри умот твој, раката ја водеше за прослава Негова и на оние кои ја возљубија Вечноста. И сега не престанувај, преподобен Козмо пастире, да се молиш за сите кои Господ Го величаат, а и сега знаат да пеат: Честнејшују херувим и славнејшују безсравненија Серафим.