Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 26/10/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светите маченици Карп и Папила

Карп беше епископ Тијатирски, а Папила ѓакон. Беа родум од Пергам, каде што најпосле и пострадаа за верата Христова од свирепиот намесник Валериј, а во времето на Декиевото царување. Валериј ги врза за коњи и ги потера во Сард, каде што ги фрли на лути маки, но ним им се јави Божји ангел, ги исцели од раните и ги укрепи. Агатодор, слугата на Карп, во голема тага го следеше својот господар, с ? додека и него не го врзаа за мачење. Потоа Валериј одново ги врза за коњи и ги довлечка од Сард во Пергам. Кога Св. Карп го врзаа за дрво и го биеја толку што целото тело му го претворија во рана и неговата крв во потоци ја напојуваше земјата, насреде тие маки тој се насмеа. Кога го прашаа зошто се смее, одговори дека ги гледа небесата отворени и Господ кај седи на престол, со херувимите и серафимите наоколу. Кога го мачеа Папила, тој со молитва исцели еден човек, слеп на едното око. И многумина видоа и поверуваа во Христа. Изложени пред ѕверовите, останаа неповредени. Кога ги фрлија во огнена печка, ова го виде Агатоника, сестра му на Папила, па и таа скокна во огнот. Но огнот не ги изгоре. Најпосле сите ги убија со меч, во 251 година и примија венци на бесмртната слава.

Тропар
Благодатта Господова послужи во нас да се засили верата со која го славиме вашето мачеништво за Христа принесено, о Карпе и Папило, Агатодоре и Агатоника. Немерлива е жедта за животот вистински, кој бодри ве направи и верни на Бога, затоа спасоносни ваши молитви пред Него денес просиме, свети горостаси на верата непосрамлива.

Светиот свештеномаченик Венијамин ѓакон

Овој Христов војник беше Персијанец и со ревносна проповед на Евангелието обрати во Христовата вера многумина незнабожни Персијанци и Елини. Пострада во времето на персискиот цар Издегард, син Гороранов, во 412 година. Кога го фрлија во затвор, некој од царските големци се застапи за него кај царот. Царот го пушти, но со тоа да молчи и да не им зборува повеќе на луѓето за Христа. На тоа Венијамин одговори: „Тоа никако не можам. Зашто оној што ќе го скрие талантот бива предаден на големи маки.“ Па продолжи да ја шири Христовата вера. Царот нареди и му удрија трња под ноктите и го мачеа додека не Му го предаде својот дух на Бога.

Светата великомаченичка Злата Мегленска

Родена е во селото Слатина, во Мегленската област, од сиромашни селски родители, коишто имаа уште три ќерки. Света Злата беше кротка и побожна девојка, мудра со Христовата мудрост и златна не само по име туку и по богобојазливото срце. Еднаш кога излезе по вода, ја фатија некои бесрамни Турци и ја одвлекоа во својата куќа. Кога еден од нив ? нудеше да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговори: „Јас во Христа верувам, само за Него знам и Он ми е Женик. Од Него нема да се откажам никогаш, макар и на илјада маки да ме ставите и на парчиња да ме исечете.“ Тогаш дојдоа нејзините родители и ? рекоа: „Смилувај се на себе и на нас, откажи се привидно од Христа и ќе бидеш среќна и ти и ние, а Господ е милостив, ќе ти прости за гревот ако го правиш по цена на животот.“ И плачеа горко родителите, сестрите и роднините. Но витешката душа на Св. Злата не даде да биде победена од ѓаволските стапици. На своите родители им одговори: „Штом ми советувате да се одречам од Христа Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители ни сестри; татко ми е Господ Исус Христос, мајка Богородица, а браќа и сестри - светителите и светителките.“ Тогаш Турците ја фрлија во затвор, каде што лежеше три месеци и секој ден ја биеја додека нејзината крв не ја натопи земјата. Најпосле ја обесија главечки и ја подложија на оган за да се загуши од чадот. Но Господ беше со неа и ? даваше сила во страдањето. На крајот ја обесија на дрво и целата ја исекоа на парчиња. Така оваа мажествена девица Му го предаде својот дух на Бога и се пресели во рајските живеалишта, во 1796 година. Парчиња од нејзините мошти христијаните разнесоа за благослов по своите домови.

Тропар
Оној Кој благодат ти подари, очи за светлина ти избистри, умот го подигна вис висини, о великомаченичке, о девственичке света, о достојнославна Злато, ангелите во хор гласови подигнаа, непријателите се засрамија. А ние денес радосни пофалби принесуваме пред твоето чесно страдање и молиме и преколнуваме – застапи се за нас пред небесниот твој Женик.

Кондак
Страшно и преславно е твоето спротивставување, со кое си ги восхитила сите, и си ги победила нечовечните мачители, и како божествена гулабица Господова, со златовидните крилја на твоето исповедање, си летнала кон Христа, Злато Богомудра.