Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 27/10/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобна Параскева (Петка)

Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ? беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ? се јави ангел Божји и ? рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ? го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ? притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

Тропар
Пустинскиот и самотен живот си го засакала, и по стапките на Христа, твојот Младоженец, ревносно си тргнала; и благиот Негов јарем во младоста си го зела, со Крстот си се вооружила против враговите на душата; со пост, молитви и капки од солзи, си го угасила огинот на страстите, многуславна Параскево. И сега, во небесните дворови, стоејќи пред Христа со мудрите девојки, моли за нас кои го почитуваме твојот свет спомен.

Кондак
Сите набожно да ја воспееме сечесна Параскева, светата застапница на оние што се во неволји, зашто таа го остави гнилежниот живот, и прими негнилежен за вечноста; затоа, по Божја заповед, најде слава и благодат да прави чудеса.

Светите маченици Назариј, Гервасиј и Протасиј

Назариј е родум од Рим, од татко Евреин и мајка христијанка. Мајка му, Перпетуа, прими Крштение од самиот апостол Петар. Кога ја прими мајчината вера, Назариј со ревност се предаде на исполнување на сите заповеди на Црквата. Неустрашливо проповедајќи го Евангелието, дојде во Медиолан (Милано). Таму во затвор ги најде Гервасиј и Протасиј и им служеше со голема љубов. Кога дозна за ова тамошниот кнез, нареди и го избија Назариј и го протераа од градот. Во видение му се јави мајка му и му рече дека треба да отиде во Галија (Франција) и таму да го проповеда Евангелието. Назариј така и направи. По неколку години тој пак појде во Медиолан заедно со младиот Келсиј, којшто му стана ученик откако го крсти во Галија. Тука ги затекна браќата Гервасиј и Протасиј с ? уште во затворот во којшто кнезот Анулин брзо го фрли и него. И Христовите маченици се радуваа заради својата повторна средба по Божја Промисла. Царот Нерон нареди Назариј да го убијат; и кнезот ги изведе од затворот Назариј и Келсиј и им ги отсече главите. Наскоро потоа беа убиени и Светите Гервасиј и Протасиј од некој војвода Астазиј, којшто врвеше низ Медиолан одејќи во војна против Моравците. Па кога војводата чу дека овие двајца браќа не им принесуваат жртви на идолите, се уплаши да не ја изгуби битката заради ова, па нареди и веднаш ги убија со меч. Гервасиј и Протасиј беа близнаци на блажени родители коишто исто така беа маченици за верата: Валериј и Виталија. Моштите на Св. Назариј од некоја градина надвор од градот ги пренесе Св. Амвросиј во црквата на Светите апостоли, а моштите на Св. Гервасиј и на Св. Протасиј нему му беа откриени во едно чудесно видение.

Тропар
Од утробата света на Виталиј и Валерија изнедрени бевте и душите ваши за Христа обручени ги сочува благодатта Господова, о Гервасие и Протасие. Затворот ви стана предворје на Царството Небесно, а мачеништвото крилја молитвени кои Небесата ги освоија. Радувајте се сега и за нас молете се, кои поклон пред моштите ваши свети принесуваме и Христа Бога во веки Го прославуваме.