Светиот маченик Лонгин
Божествениот евангелист Матеј опишувајќи го страдањето на Господ вели: „А стотникот и оние што заедно со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и с ѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: „Навистина овој бил Син Божји“ (Матеј 27, 54). Тој стотник беше овој блажен Лонгин, којшто со уште двајца свои војници поверува во Христа. Тој беше старешина на војниците што присуствуваа на распнувањето на Господ на Голгота и старешина на стражата што го чуваше гробот. Кога еврејските старешини дознаа за Христовото воскресение, ги потплатуваа војниците да разгласуваат лажна вест дека божем Господ не воскреснал туку дека телото Го украле Неговите ученици. Евреите се обидоа да го потплатат и Лонгин, но тој не се даде. Тогаш Евреите прибегнаа кон својот вообичаен начин, т.е. решија да го убијат. Кога дозна за ова Лонгин го симна војничкиот појас, се крсти од апостолите заедно со оние двајца другари, и заедно тајно го напуштија Ерусалим, од каде што се преселија во Кападокија. Таму Св. Лонгин се предаде на пост и молитва и како жив сведок на Воскресението Христово со своето сведоштво обрати мнозина незнабожци во вистинската вера. Потоа се оддалечи в село на имотот на татко му. Сепак еврејската злоба ни таму не го остави мирен. Поради клевета од Евреите, Пилат испрати војници да го убијат Лонгин. Св. Лонгин го проѕре со духот приближувањето на своите џелати, па им излезе во пресрет и ги покани во својот дом не кажувајќи им кој е. Добро нагостени од него тие легнаа да спијат, а Св. Лонгин застана на молитва и цела ноќ се подготвуваше за смрт молејќи се. Во зората отиде и ги доведе оние свои двајца другари, се облече во бели погребни облеки и ги поучи домашните, а им покажа место на едно ритче за да го закопаат. Тогаш им се јави на војниците и им кажа дека тој е Лонгин когошто тие го бараат. Војниците се збунија и се засрамија и не ни мислеа да го убијат, но тој почна да ги присилува да ја извршат заповедта на својот старешина. И тогаш ги убија Лонгин и неговите двајца другари. Главата Лонгинова војниците му ја однесоа на Пилат, Пилат им ја предаде на Евреите, а тие ја забија во ѓубриштето надвор од градот.
Преподобен Лонгин Трудољубивиот
Киево-Печерски монах од 14 век. Беше вратар во манастирот и имаше толку чисто и облагодатено срце, што секогаш знаеше со какви мисли некој влегува во манастирот, а со какви мисли излегува. Неговите чудотворни мошти почиваат во Теодосиевите пештери.
Тропар
Мачеништвото, смртта и воскресението, ги посведочи, о Лонгине свети мачениче, а Христос, Кој слепилото твое го излекува, крилја на орел ти подари да ја откриеш
лагата демонска, да ја посрамиш клетвата човечка, и нас да ни измолиш простување на гревовите, пред каменот што го отфрлија оние кои не поверуваа.