Светиот великомаченик Артемиј
Овој славен светител беше родум Мисирец и прв војвода на царот Константин Велики. Кога на царот Константин му се јави победоносниот крст, поверува во Господ Исус Христос и се крсти. Подоцна, во времето на царот Констанциј овој цар го испрати Артемиј во Елада за да ги пренесе моштите на Св. Андреј од Патрас и на Св. Лука од Тива во Цариград, а ова војводата Артемиј го изврши со радост. Потоа беше поставен за августалиј и царски намесник во Мисир и во овој чин остана и во времето на Конастанциј, Константиновиот син, а извесно време и при Јулијан Отстапник. Кога овој богоотстапен цар тргна во војна со Персијанците, запре во Антиохија и му нареди и на Артемиј да дојде со својата војска во Антиохија. Артемиј дојде. Во тоа време царот удри на маки двајца христијански свештеници, Евгениј и Макариј. Кога го виде тоа Артемиј се возмути со сето срце и излезе пред царот и му рече: „Зошто цару толку нечовечно ги мачиш невините и на Бога посветени мажи и зошто ги присилуваш да се откажат од верата православна?“ И уште Артемиј му прорече на царот: „Твојата погибел е близу.“ Разјарен царот ги испрати оние двајца чесни свештеници на прогонство во Арабија, каде што набрзо се упокоија, а војводата Атемиј го расчини и нареди да го растргнуваат и бијат. Сиот ранет и раскрвавен Артемиј го фрлија во затвор, каде што му се јави Самиот Господ Исус Христос, Кој го исцели и го утеши. Потоа царот нареди, та го спростреа на еден камен, а со друг тежок камен го притиснаа така што телото на Артемиј го здробија и го сплескаа како штица. Најпосле му ја отсекоа главата во 362 година. А царот Јулијан отиде на бој против Персијанците и срамно загина, како што му прорече Св. Артемиј.
Тропар
О, величенствено смирение, о, послушание свето пред Бога принесено, на твоите трудови се восхитуваме, свети Артемие великомачениче, а преку тебе името Христово го величаме, кој има таков воин во свитата Своја. Душата твоја од Духот Свети запалена и прочистена, телото го предаде да сведочи за бесмртноста, а таа остана да лекува немоќи наши до века, сведочејќи дека Љубовта на Галилеецот победува. Моли се, великомачениче, телесниот човек да го соблечеме, а духовниот да порасне по мерката Христова.
Светиот праведен Артемиј
Роден е во 1532 година. Син на руски селани, Козма и Аполинарија, од селото Веркол, во Дивинскиот округ. Уште од петтата година се разликуваше од другите деца со својата необична побожност и кротост. Кога имаше тринаесет години како момченце одеше по својот татко низ некоја голема шума. Од силна бура и невреме Артемиј умре во шумата и неговиот нажален татко не можејќи да копа гроб го покри телото со гранки и замина. По дваесет и осум години некој човек виде во таа шума необична светлина, ? пријде и го најде нераспаднато и нетлено телото Артемиево. Многумина болни се исцелуваа докоснувајќи се до телото на Свети Артемиј. Неговите свети мошти почиваат во еден манастир близу Пинега во Архангелската губернија.
Тропар
По милоста Твоја Господи, чудеса пројави во човека, покажувајќи дека љубовта Твоја е над смртта и вечноста над телесната минливост, во праведното дете Артемиј, кое доаѓајќи при Тебе, со нас остана преку нетлените мошти негови. Во твоја слава, Христе Боже, а преку неговото застапништво, спаси ги нашите души.
Преподобен Герасим Нови
Од Трикали во Пелопонез, од славната фамилија Нотарас. Роден е во 1509 година. Се подвизуваше на Атон, потоа во Палестина, каде што постеше четириесет дена. Потоа се насели на островот Кефалонија, каде што основа еден женски манастир. Со молитва низведуваше дожд, исцелуваше болни и проѕираше во иднината. Се упокои во Господ на 15 август 1579 година. Чудотворец за време на животот и после смртта.
Тропар
Да го пофалиме, верни, божествениот Герасим, новојавениот наш богоносен чудотворец, ангел во тело, на православните заштитник, кој достојно прими од Бога дар на исцеление, ги лечи раслабените, од демонот поробените. Затоа сите кои него го почитуваат наоѓаат исцеление.
Преподобниот маченик Игнатиј
Од Ески-Загора во Бугарија, од онаа славна Загора којашто на Црквата Божја ? даде многубројни свети подвижници и маченици. Се подвизуваше во Скитот на Свети Јован Предвесник на Атон. Драговолно им се предаде на Турците на мачење заради Христа . Го обесија во Цариград на 8 октомври 1814 година. Моштите му се чудтворни. Неговата глава се чува чесно во манастирот на Св. Пантелејмон.
Тропар
Блажен си ти, Игнатие, на кого Христос беше поткрепа, а Богомајката Атонска закрила. На пат кој кон живот води беше упатен, благодатно од горостаси искусни поучен, пример од браќа во срце пламен разгоре, и ти поита да го прославиш маченички Неговото име. Затоа за нас моли се пред Оној Кој те ободри и венец страдалнички ти подари.
Преподобен Гаврил Ургебадзе
На 22 февруари 2014 година, во женскиот манастир Самтавро (Мцхет, Грузија) беше извршено ексхумирање на моштите на преподобниот Старец, исповедник и чудотворец Гаврил (Ургебадзе). Седумнаесет години по неговото упокојување, на 20 декември 2012 година Старец Гаврил е вброен во светителите на Грузиската Црква. Светител кој околу вратот носел табла на која пишувало: „Човек без љубов е како стомна без дно“. Желбата за монаштво кај него се јавила уште во раната младост. Монашкиот завет го дал на свои 26 години. Покажувајќи го својот револт кон безбожничкиот режим, запалил огромен портрет на Ленин. По ова бил затворен, а му се случувале и полоши работи: епископите не му давале да служи и немал можност да се причестува. Подоцна го прогласиле и за луд. Ова смирено го прифатил и оттогаш станал јуродив. Со тоа се прикривал секогаш кога ќе направел добро дело, понекогаш преправајќи се дека е пијан. Спиел во јама, а некое време живеел и во кокошарник. Кога завршило времето на прогон на христијаните и кога во луѓето почнала да се раѓа желбата за духовното, многумина почнале да доаѓаат кај јеромонахот Гаврил за духовен совет. Тој станал Старец и духовник на многу луѓе, вклучувајќи ги и монахињите од еден женски манастир. Манастирот во кој живеел е посветен на Господовото Преображение, каде воедно се наоѓаат и моштите на света рамноапостолна Нина. Првпат дошол во Самтаврискиот манастир на 12-годишна возраст. Монасите го примиле, но не му дозволиле да остане. На манастирските порти цела ноќ ? се молел на Мајката Божја да го прими во манастирот. По многу години неговата молитва била услишена. Погребан е на местото каде се молела света Нина.