Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 04/11/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Свети Аверкиј Рамноапостолен

Во времето на царот Антонин Св. Аверкиј беше епископ во градот Јерапол Фригиски. Во тој град огромното мнозинство беа незнабожци, а Св. Аверкиј управуваше со своето малечко стадо и тагувајќи во срцето заради толкавото мноштво незнабожци и идолопоклоници усрдно Му се молеше на Бога да ги обрати кон светлоста на вистината. Во времето на едно прочуено идолско празнување, Аверкиј се распали со ревност по Бога, па влезе во идолскиот храм и ги испокрши сите идоли. Кога разјарените незнабожци сакаа да го убијат, во тој миг припаднаа пред него тројца бесни млади луѓе со пена на усните и со урлање, а Божјиот човек со молитва ги изгони од нив демоните и момчињата станаа здрави и мирни. Кога го видоа тоа, незнабожците го свртеа својот гнев во восхит кон Христовиот чудотворец и веднаш петстотини од нив примија Крштение. Малку по малку целиот град Јерапол поверува во Христа и се крсти. Антипатот на таа област, Публиј, имаше слепа мајка на којашто Аверкиј со молитва ? го врати видот, та поверуваа во Бога Публиј и неговата мајка и мнозина други луѓе. На старост беше повикан во Рим, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Неколкупати на овој Свој верен следбеник му се јавуваше Господ Исус Христос. Од далеку и од околината кај него доаѓаа луѓе заради неговата чудотворна помош при нивните неволји. Демоните не само што се плашеа од него туку кога им заповедаше и му служеа. На заповед на Самиот Господ го проповедаше Евангелието и во Сирија и во Месопотамија. Пред својот љубен Христос се престави во длабока старост, во градот Јерапол, на крајот од 2 век.

Тропар
Божји угодниче, Аверкие свети милостив, незнаењето човечко го исплака, заблудата кон идолите ја разруши со силата Христова, адот пред тебе глава наведна, и по твоите молитви мноштво души Спасителот при себе удоми, пастиру Божји, како на земјата така сега и на небесата спомни си за нашите имиња.

Преподобен Лот

Голем мисирски подвижник. Современик на Светите авви Арсениј Велики и Агатон. Се подвизуваше во својот манастир близу едно езеро крај градот Арсиној и на патот кон спасението раководеше со мноштво браќа. Негов близок другар и советник беше авва Јосиф. Еднаш Лот му рече на Јосиф: „Авво, постам колку што можам, ги држам молитвата и безмолвието и богомислието, и според својата сила се чувам од скверните помисли. Што уште, значи, да правам?“ Тогаш Старецот стана, ги крена рацете кон небото и неговите десет прсти заблескаа како десет пламени јазици. Па му одогвори: „Ако сакаш, сиот биди оган!“ Откако Му угоди на Бога и многумина ги поучи на патот кон спасението, Св. Лот се упокои мирно во 5 век.

Тропар
Радувај се во Господа, свети Лоте, оче преподобен, кој во молитвата огнен столб постана од земјата до Небото, и застапи се за нас пред Христа Господа, ти кој наставник на монасите стана и мноштво души при Господа приведе за нивно спасение.

Спомен на чудотворното избавување на Москва од Литванците со помош на Пресвета Богородица

Во времето на кнезот Василиј Јованович Литванците ја беа зазеле Москва и Русите паднаа во големо очајание. Тогаш Св. Сергеј Радоњежски му се јави на некој заробен епископ Арсениј и му вети дека Москва ќе биде очистена од Литванците со силата и молитвата на Пресвета Богородица. И навистина, утредента Литванците побегнаа од градот, а руската војска влезе во Москва. И сиот народ со радосни солзи ги прослави Бога и Пресвета Богородица.