Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 18/11/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Преподобните маченици Галактион и Епистима

Родени се во финикискиот град Едеса, обајцата од родители незнабожци. Мајка му на Галактион беше бездетна с ? додека не се крсти. Потоа таа го приведе кон верата и нејзиниот маж и го крсти и воспита како христијанин својот син Галактион. Кога стаса за женидба, неговата добра мајка Левкипија се упокои, а татко му го сврши за некоја девица Епистима. Галактион никако не сакаше да стапи во брак, па ја посоветува Епистима да се крсти, а потоа и истовремено со него да се замонаши. Се повлекоа на гората Пуплион, Галактион во машки, Епистима во женски манастир. И секој од овие двајцата во својот манастир се покажа како вистинско светило. Први во подвигот, први во молитвата, во смирението и послушанието, први во љубовта. Од манастирот не излегуваа ниту се видоа еден со друг освен пред смртта. Настана луто гонење на христијаните и тие обајцата беа изведени на суд. Кога Галактион го биеја, Епистима плачеше. Тогаш и нејзе ја избија. Потоа им ги отсекоа рацете, па нозете, а најпосле и главите. Нивните тела ги зеде Евтолиј и чесно ги закопа. Овој Евтолиј беше најнапред роб кај родителите на Епистима, а потоа монах заедно со Галактион. Тој и го напиша житието на овие прекрасни Христови маченици, коишто пострадаа и примија небесни венци во 253 година.

Тропар
Вера имајќи повредна од животот земен, дарувана ви беше о, Галактионе и Епистимо, времето дадено за преумување мудро го употребивте поучени одозгора. Маченички страдајќи раце подадовте – во прегратка Христова примени бевте, нозе подавајќи – до Царството Небесно стигнавте, молете се за нас о, вие чии срца, го глаголат Името Господово.

Светите апостоли Патров, Ерма, Лин, Гај и Филолог

Овие се од Седумдесеттемина апостоли. Патров беше епископ во Неапол, Ерма во Филипопол (Рим. 14, 16), Лин во Рим (2 Тим. 4, 21), Гај во Ефес (Рим. 16, 23), Филолог во Синопа (Рим. 15, 16). Сите со љубов го исполнија законот Христов и се преселија во Неговото царство.

Свети Јона, архиепископ Новгородски

Роден е во Новгород и рано остана сираче. Го зеде една богобојазлива вдовица и го воспита. Клопскиот јуродив Михаил, кога го виде како дете му прорече: „Иванушка, учи се усрдно, зашто ќе бидеш архиепископ во овој голем Новгород“. И навистина, подоцна, по смртта на архиепископот Ефтимиј, овој Јона беше избран и посветен на негово место. Јона беше милостив и благочестив како ретко кој смртен човек. Подигаше цркви и манастири и пастирствуваше како добар пастир. Му беше понудена Столицата на Московскиот митрополит. Но тој одби, изговарајќи се со староста. Се упокои мирно на 5 ноември, 1570 година. Сто години по неговата смрт имаше голем пожар во Новгород. Насред пожарот моштите на овој светител не изгореа, туку напротив, после тоа почнаа да пројавуваат исцелителна сила и прекрасно благоухание.

Тропар
Смирението во детското тело се покажа добродетелно, во мажественоста на монашката горостасност, о Јоно свет подвижниче. Љубовта Христова со која се напои те покажа како пастир богомудар, кој душа положи за овците свои. Нетленоста на моштите твои ја сведочи слободата која пред Бога ја доби, затоа моли се, свет оче, за нашето спасение.