Собор на семејството на св. Григориј Палама
Во првата недела по празникот на свети Григориј Палама (14/27 ноември) е прославено и семејството на светителот, кое го следело патот на монашкиот подвиг. Таткото на свети Григориј Палама, свети Константин, иако живеел на царскиот двор, се одликувал со молитвено трезвеноумие. Му се случувало понекогаш толку многу да се занесе во умно-срдечната молитва, дури и за време на седница на царскиот совет. Пред крајот на својот живот се замонашил и мирно се упокоил. Мајката, пак, света Кали, при одлуката на свети Григориј да се замонаши најпрвин се нажалила, но потоа го благословила, боговдахновено радувајќи се. Не само тоа, туку и самата одлучила да се замонаши, а и останатите свои деца, со Божја помош, ги посоветувала заедно со неа да стапат во монаштво, за да може и таа да каже со пророкот: „Еве ме мене и децата што ми ги даде Бог“ (Иса. 8, 18). Двајцата браќа на свети Григориј, Макариј и Теодосиј, заминале заедно со него на Света Гора, а двете сестри, Теодотија и Епихарис, заедно со мајка им стапиле во еден женски манастир во Константинопол, каде што биле замонашени. По упокојувањето на нивната добродетелна мајка, свети Григориј своите сестри ги сместил во женски манастир во Солун. Во 2009 година биле вброени во диптихот на светиите.
Тропар
Кали, мајко добродетна, трезвеноумен Константин, голем подвижнику и боговидецу, архиереју Григориј, Епихарис, невесто Христова, преподобна и мудра Теодота, Теодосиј и Макариј свети, ги воспеваме вашите подвизи; слава Му на Оној Кој ве овенча, слава на Неговата несоздадена и вечна светлина на обожението, низ вас што заблеска.
Светиот маченик Платон
Од градот Анкира Галатиска. Роден и воспитан е како христијанин. Уште во младите години покажуваше големо совршенство во сите добродетели. Не ја криеше својата вера во Хиста, туку јавно ја проповедаше изобличувајќи ги идолопоклониците заради поклонувањето на мртви твари наместо на живиот Создател. Заради ова беше изведен на суд пред началникот Агрипин и беше многу малтретиран и мачен од него. Кога началникот почна да го советува да ја избегне смртта и да си го зачува животот поклонувајќи им се на идолите, Платон му одговори: „Има две смрти, привремена и вечна, но има и два животи, едниот е краткотраен, другиот пак бесконечен“. Тогаш Агрипин го удри на страшни маки. Меѓу другото нареди и му полагаа усвитени железни ѓулиња на разголеното тело; потоа од кожата му лупеа каиши. Маченикот му довикнуваше на мачителот: „Мачи ме уште посвирепо, за јасно да се види твојата бесчовечност и моето трпение“. Кога мачителот му го спомна на маченикот философот Платон како незнабожен философ, маченикот му рече: „Ниту јас сум му сличен на Платон ниту тој мене, освен по името. Јас поучувам и се учам на мудроста Христова, а тој е учител на онаа мудрост којашто пред Бога е лудост“. Потоа беше фрлен во затвор, каде што помина без храна и вода осумнаесет дена. Кога стражарите се восхитија дека може да живее гладувајќи толку долго, Платон им рече: „Вие се наситувате со месо, а јас со свети молитви, вас ве весели виното, а мене Христос, лозата вистинска“. Најпосле го убија со меч околу 266 година, кога прими венец на маченичка слава.
Тропар
Маченикот Твој Платон, Христе Боже наш, избирајќи Го Живото вечен, Тебе Те исповеда и времениот живот маченички го заврши, нам пак мудар пример оставајќи ни, Тебе Те прославуваме во вечни векови по неговите свети молитви.
Светите маченици Роман и Варул
Свети Роман беше ѓакон на Црквата кесариска. Еднаш тој ревносно го проповедаше Евангелието во Антиохија. Па кога беше некој идолски празник и антиохискиот началник Асклипијад сакаше да влезе во незнабожечкиот храм за да принесе жртва, Роман застана пред него и му рече: „Началнику, грешиш кога одиш кај идолите; не се идолите богови туку Христос е единствениот вистински Бог“. Разјарен началникот го подложи Роман на маки, па светителот беше биен и стружен безмилосно. Во тој миг Св. Роман виде едно дете по име Варул и му рече на началникот: „И ова дете е поразумно од тебе иако ти си стар; тоа Го знае вистинскиот Бог, а ти не.“ Началникот почна да го испрашува Варул за верата и Варул ја изјави својата вера во Господ Исус Христос како во вистински Бог, наспроти лажните идоли. Тогаш Асклипијад нареди и малиот Варул го убија со меч, а Св. Роман го удавија во затворот во 330 година. Така обајцата го наследија Небесното Царство.
Тропар
Учител на заблудените, ангел благовесник евангелски, Романе, свет мачениче, кој низ „многу маки влезе во Царството Небесно“, и Варул, научен од тебе, цветот на младоста на Христа Бога исповеднички го принесе, две крилја од една птица која небото го достигна, молете се за нас вие кои восходивте во тишина.