Светата маченичка Кикилија (Цицилија)
Родена е во Рим од богати и угледни родители. Имаше голема вера во Христа и голема ревност за верата. Заветувана на Бога на вечна девственост, под раскошните фустани што ? ги подаруваа родителите Кикилија носеше остра власеница. А кога ја присилија на брак, и тоа со некаков незнабожец, Валеријан, таа уште првата ноќ го посоветува младоженецот да отиде кај епископот Урбан и да се крсти, па потоа и самиот да живее во девственост. Откако ја прими Христовата вера Валеријан го обрати и својот брат Тивуртиј. Наскоро потоа обајцата браќа заради верата во Христа беа осудени на смрт. Кога ги водеа на губилиште тие успеаја да го обратат и водачот на стражата, Максим. Сите тројца заедно пострадаа за Господ Исус Христос. Св. Кикилија ги погреба нивните тела заедно. Тогаш беше изведена на суд и Кикилија, зашто непрестајно ги придобиваше незнабожците за Христовата вера. Само во една вечер придоби околу четиристотини души. Кога ја праша судијата од каде ? е толкавата смелост, таа одговори: „Од чиста совест и несомнена вера“. После тешки маки беше осудена на убиство со меч. Џелатот ја удираше по вратот трипати, но не можеше да ја убие; само ја рануваше и од вратот истекуваше крв којашто верните заради исцелување ја собираа во марами, сунѓери и садови. Три дена потоа Христовата маченичка Му го предаде својот дух на Бога, Којшто ја прими во Своето вечно блаженство. Света Кикилија со останатите пострада околу 230 година. Нејзините мошти почиваат во црквата со нејзиното име во Рим. Во западната црква Света Кикилија се смета за заштитничка на црковното пеење и музика.
Свети Калист, патријарх Цариградски
Наречен Ксантопулос според келијата Ксантопула на Атонската Гора, каде што тој се подвизуваше долго време со својот соподвижник Игнатиј. Заедно со Игнатиј во сто глави го опишаа сопствениот опит во безмолвниот живот. Ова дело зазема мошне видно место во подвижничката книжевност. Калист беше под големо влијание на својот учител Св. Григориј Синајски, чиешто житие го напиша тој. Како патријарх Цариградски Св. Калист еднаш појде во Србија и на тоа патување се разболе и умре (како што по патот, на Света Гора, му прорече Св. Максим Капсокаливит).
Тропар
О, вие мажи обручени за љубовта Божја, о вие тихуватели кои го запознавте гласот на срцето, Калисте и Игнатие, отци наши преподобни, молете Го Младоженецот на душите човечки ширум да ги отвори за нас рајските порти.
Светиот маченик Менигнос
Родум од Хелеспонт. Се бавеше со белење платно и по ова беше наречен Белач. Во времето на царот Декиј ја искина царската наредба за гонење на христијаните. За ова беше фрлен во затвор, каде што му се јави Самиот Господ и го охрабри говорејќи: „Не плаши се, Јас Сум со тебе“. Во тој миг неговите окови се растопија како восок, затворот се отвори сам од себе и тој излезе. Повторно го фатија и го судеа. Беше мачен нечовечно: му ги отсекоа прстите на рацете и на нозете, а потоа го обезглавија. Неговата глава ноќе светеше како свеќа.
Светиот Праведен Михаил војник
По раѓање Бугарин. Со својата дружина се бореше во грчката војска против Агарјаните и Етиопјаните. Покажуваше чудесна неустрашливост. Уби една страшна змија и ја ослободи една девојка. Наскоро потоа овој праведен маж се пресели во вечниот живот. Живееше и умре во 9 век. Закопан е негде во Тракија, а во 1206 година царот Карло-Јован ги пренесе неговите мошти во Трново.