За постот
|
||
Светиот апостол Андреј Првоповиканиот
Син на Јона и брат на Петар, родум од Витсаида, рибар по занимање. Најпрво му беше ученик на Св. Јован Крстител, но кога Св. Јован покажа со прст на Господ Исус велејќи: „Еве го Јагнето Божјо!“ (Јован 1, 36), тогаш Св. Андреј го остави својот прв учител и тргна по Исуса. Потоа го приведе кон Господа и својот брат Петар. По слегувањето на Светиот Дух на овој прв апостол Христов му падна во дел да го проповеда Евангелието во Византија и Тракија, потоа во земјите Дунавски, па во Русија и околу Црното Море и најпосле во Епир, Грција и Пелопонез, каде што и пострада. Во Византија постави прв епископ во лицето на Св. Стахиј; во Киев забоди крст на високо и прорече блескава христијанска иднина за рускиот народ; во Тракија, Епир, Грција и Пелопонез преведе во верата мноштво народ и им постави епископи и свештеници. Во градот Патрас изврши многу чуда со името на Христа и придоби многумина за Господ, меѓу кои беа братот и жената на царскиот намесник Егеат. Разјарен заради ова Егеат го подложи Свети Андреј на маки, а потоа го распна на крст. Додека беше жив на крстот, апостолот им кажуваше на христијаните што се беа собрале околу неговиот крст корисни поуки. Народот сакаше да го симне од крстот, но тој се спротивстави на тоа. Најпосле апостолот почна да Му се моли на Бога и притоа некоја необична светлина го заблесна целиот. Тоа светло озарување траеше околу половина час, а кога исчезна апостолот Му ја предаде својата душа на Господ. Така го заврши својот земен век првоповиканиот апостол, којшто прв од Дванаесетте големи апостоли Го позна Господа и тргна по Него. Пострада за својот Господ во 62 година. Неговите мошти беа пренесени во Цариград. Подоцна главата му ја пренесоа во Рим, а едната рака во Москва.
Тропар
Како првоповикан меѓу апостолите, и брат на врховниот апостол, Андрее, моли Го Владиката на сите, мир да ? подари на вселената, и на душите наши милост голема.
Свети Фрументиј, просветител на Абисинија
Во времето на царот Константин Велики патуваше за Индија еден учен човек од Тир, по име Меропиј. Со себе ги беше зел двајцата млади браќа христијани, Едесиј и Фрументиј. По патот им се разби коработ од бурата на бреговите на Абисинија и дивите Абисинци ги убија сите луѓе од коработ, освен овие двајца браќа, Едесиј и Фрументиј. Тие проживеаја во Абисинија неколку години и успеаја да влезат во служба на дворецот на абисинскиот цар. Фрументиј почна да ј проповеда христијанската вера, но многу внимателно, и се увери дека почвата за оваа проповед е многу погодна и плодна. Тогаш двајцата браќа седнаа на кораб и тргнаа: Едесиј во Тир кај своите родители, а Фрументиј кај Св. Атанасиј Велики, којшто беше патријарх во Александрија. Фрументиј му ја изолжи на патријархот положбата во Абисинија и побара пастири за новообратените во верата. Св. Атанасиј го ракоположи Фрументиј за епископ. Св. Фрументиј се врати во Абисинија, каде што со својата ревност и со многубројни чуда успеа да ја обрати цела Абисинија во христијанската вера. Овој голем пастир на Христовото стадо и просветител на Абисинија се упокои мирно во 370 година, кога се пресели во Царството на својот Господ.