Календар, житија, пости
 

 

Православен календар за 31/12/2024

Календар, житија, пости
Почеток
 
 

Светиот маченик Севастијан и другите со него

Овој славен Христов маченик се роди во Италија, а беше воспитан во градот Милано. Во младоста се предаде на војничка служба и изгледа му стана миленик на царот Диоклецијан, којшто го постави за началник на својата дворска гарда. Потајно ја исповедаше христијанската вера и Му се молеше на живиот Бог. Двајцата браќа Марко и Маркелин, коишто беа фрлени во затвор заради Христа и беа веќе на работ да се одречат од Него и да им се поклонат на идолите, Севастијан ги утврди во верата и ги охрабри за мачеништвото. Кога им велеше да не се плашат од смртта за Христа, неговото лице заблеска и сите ја видоа неговата светлина како на лице на ангел Божји. Севастијан го потврди словото со чудтоворство: ја исцели од немост Зоа, жената на затворскиот стражар Никострат, која беше нема шест години и ја приведе кон Крштение нејзе и сиот дом на Никострат; ги исцели двајцата болни синови на војводата Клавдиј и го приведе кон Христа Клавдиј и сиот негов дом; го исцели од единаесетгодишна подагра и ногоболка Транквилин, таткото на Марко и Маркелин и го приведе кон Крштение заедно со сиот негов дом; од истата болест го исцели епархот Хроматиј и него и неговиот син Тивуртиј ги приведе кон Господ Христос. Од нив прва пострада Св. Зоа, којашто ја фатија како Му се моли на Бога на гробот на Св. апостол Петар. После мачењето ја фрлија во реката Тибар. Тогаш го фатија Тивуртиј, пред кого судијата постави жар и му рече да избере меѓу животот и смртта, да фрли темјан врз жарот и да ги покади идолите или самиот да застане бос на жарот. Св. Тивуртиј се прекрсти и застана на жарот босоног, но остана неповреден. Потоа го убија со меч. Никострат го убија со стап. Транквилијан го удавија во вода. Марко и Маркелин ги мачеа и ги избодија со копја. Тогаш го изведоа Севастијан пред царот Диоклецијан. Царот го укори за предавство, но тој рече: „Јас секогаш Го молам мојот Христос за твоето здравје и за мир во Римското царство“. Царот нареди гол да го стрелаат со стрели. Војниците стрелаа дотогаш додека целото тело на маченикот не го прекрија со стрели, па повеќе и не се гледаше од стрелите. И кога сите мислеа дека е мртов, тој се јави наполно жив и здрав. Тогаш незнабожците го убија со стапови. Славно пострада за Христа во 287 година во времето на царот Диоклецијан и Римскиот епископ Гај.

Тропар
Велик е твојот Бог Христос о, свети Севастијане, Кој преку тебе мноштво чудеса пројави, болни лекуваше, губави очистуваше, а тебе воскресение ти подари пред очите на светот кои останаа замаглени. Молете се сите вие маченици со Севастијан свети, Спасителот да подари прошка на нашите гревови.

Свети Флор, eпископ Амински

Живееше во времето на царевите Јустин II и Маврикиј (565 г. – 602 г.). Беше благородник. Ги остави метежот и суетата на светот и се повлече на подвиг во манастир заради спасение на душата. Потоа го избраа за епископ на градот Аминс во Кападокија. Му угоди на Бога и како подвижник и како јерарх. Се упокои мирно.

Тропар
Жалоста во земното пребивање, о Флоре, свет оче, Утешителот ја замени во служба достојнославна, која пастирот го прави многудетен родител. Радувај се и за нас моли се, ти кој евангелската храна штедро ја раздаваше, станувајќи за секого сe во слава на Оној Кој тебе те обдари.

Свети Модест, патријарх Ерусалимски

Кога му умреа родителите, тој имаше пет месеци. Но по Божја Промисла беше воспитан во христијански дух. Кога порасна му го продадоа како роб на некој незнабожец во Мисир. Но тој успеа да го обрати својот господар во верата Христова. Господарот му подари слобода. Тој се повлече на Синајската Гора и таму се подвизуваше с ? до неговата педесет и деветта година. Тогаш го избраа за ерусалимски патријарх. Го пасеше Христовото стадо како вистински пастир и се упокои мирно во 633 година, во деведесет и седмата година од неговиот живот на земјата.

Тропар
Слава Тебе, Господи, што такво срце човеково создаде, и по молбата Модестова очисти и исполни, со љубов кон родот човечки. Сотрудник Јованов, утешител Захариев, прославител на Христа Спасителот, молитвеник за народот кој него го повикува, пред Бога Троичниот да се застапи.