9:32-42
| 32. | Посетувајќи ги сите, Петар слезе и при светиите што живееја во Лида. | 
| 33. | Таму, пак, најде еден човек по име Енеј, кој цели осум години лежел на постела, оти бил фатен. | 
| 34. | И Петар му рече: „Енеј, тебе те исцелува Исус Христос. Стани и собери си ја постелата своја!” И тој стана веднаш. | 
| 35. | И го видоа сите што живееја во Лида и во Сарон, и се обрнаа кон Господа. | 
| 36. | Во Јопија се наоѓаше една ученичка, по име Тавита, што значи срна; таа беше исполнета со милостина и добри дела, што ги правеше. | 
| 37. | И се случи во тие дни да се разболи и да умре; тогаш ја измија и ја положија во горната одаја. | 
| 38. | А бидејќи Лида беше близу до Јопија, учениците како чуја дека е Петар таму, испратија два човека при него, молејќи го да дојде до нив што побргу. | 
| 39. | Петар се крена и отиде при нив, и, кога пристигна, го одведоа во горната одаја, и дојдоа кај него сите вдовици, плачејќи и покажувајќи му ги ризите и облеките, што ги беше правела Срна, додека живееше со нив. | 
| 40. | Петар, откако ги истера сите надвор, падна на колена, се помоли, па се обрна кон телото и рече: „Тавита, стани!” И таа ги отвори очите свои, па, како го виде Петра, седна. | 
| 41. | А Петар тогаш ? подаде рака и ја подигна; и, штом ги повика светиите и вдовиците, им ја предаде жива. | 
| 42. | И ова се разгласи по цела Јудеја, и мнозина поверуваа во Господа. |