16:16-34
| 16. | Во оние дни, кога одевме на молитва, нe сретна една слугинка, која имаше гледачки дух, и на господарите свои им донесуваше големи приходи, вражајќи. | 
| 17. | И одејќи по Павла и по нас викаше, зборувајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог, што ви го соопштуваат патот на спасението.” | 
| 18. | Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павла, тој се сврти кон духот и му рече: „Ти заповедам во името на Исуса Христа излези од неа!” И излезе во истиот час. | 
| 19. | Штом видоа господарите нејзини дека отиде надежта на нивното богатење, ги фатија Павла и Сила, и ги довлекоа на плоштадот кај началниците. | 
| 20. | И кога ги приведоа пред управниците, рекоа: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунат нашиот град | 
| 21. | и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни пристои ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.” | 
| 22. | Тогаш се струпа на нив народот; а управниците, штом им ги расцепија алиштата, повелаа да ги бијат со стапови; | 
| 23. | и, откако ги испоранија многу, ги фрлија в затвор, а на темничниот стражар му наредија да ги пази добро. | 
| 24. | А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во внатрешниот затвор и нозете им ги стегна во клада. | 
| 25. | Во полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. | 
| 26. | Одеднаш настана потрес голем, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа. | 
| 27. | А стражарот темнички, кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, оти помисли дека затворениците избегале. | 
| 28. | Но Павле викна со силен глас и рече: „Не прави на себеси никакво зло, бидејќи сме овде!” | 
| 29. | А тој побара светило, истрча и растреперен падна пред Павла и Сила; | 
| 30. | па, откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, па да се спасам?” | 
| 31. | А тие му одговорија: „Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!” | 
| 32. | И му го проповедаа словото Господово нему и на сите што беа со него во куќата негова. | 
| 33. | Па, како ги прибра ноќта во тоа време, им ги изми раните и веднаш се покрсти тој сам и сите негови домашни; | 
| 34. | и, штом ги воведе во својата куќа, постави трпеза и се зарадува со целиот свој дом, оти поверува во Бога. |