8:26-39
26. | И пристигна во Гадаринскиот крај, спроти Галилеја. |
27. | А кога излезе Он на суво, Го сретна еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите. |
28. | Кога Го виде Исуса, извика и падна пред Него, и гласно рече: „Што имаш со мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!” |
29. | Зашто Исус му беше заповедал на нечистиот дух да излезе од човекот; оти долго време го мачеше, и беше во окови, и со вериги го врзуваа, чувајќи го; но тој ги раскинуваше оковите и бесот го тераше да оди во пусти места. |
30. | А Исус го праша, велејќи: „Како ти е името?” Тој одговори: „Легион”, зашто многу бесови беа влегле во него. |
31. | И Го молеа Исуса да не им наредува да одат во бездната. |
32. | А таму, по ридот, пасеа многу свињи; па Го молеа да им позволи да влезат во нив. И им позволи. |
33. | И откако излегоа бесовите од човекот, влегоа во свињите; и се гргнаа свињите низ стрмнината и се издавија во езерото. |
34. | Свињарите, кога видоа што се случи, избегаа и раскажаа по градот и околината. |
35. | И излегоа да видат што станало; па кога дојдоа кај Исуса, го најдоа човекот, од кого беа излегле нечистите духови, како седи пред нозете Исусови, облечен и со здрав разум; и се уплашија. |
36. | А оние, што беа виделе, им кажаа како се исцели бесниот човек. |
37. | И сиот народ од Гадаринскиот крај Го молеше да си отиде од нив; зашто се беа уплашиле многу. И Он влезе во коработ и се врати. |
38. | Човекот, пак, од кого беа излегле демоните, Го замоли да биде со Него; но Исус го отпушти, велејќи: |
39. | Врати се во домот свој и раскажувај што ти направи Бог! Тој си отиде и расправаше по целиот град, што му направи Исус. |