Свето евангелие според светиот апостол Марко
 

 

Свето евангелие според светиот апостол Марко

Календар, житија, пости
Почеток
 

2:1-12

1. По неколку дена, Он пак влезе во Капернаум; и се чу дека е во една куќа.
2. Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Он им зборуваше.
3. И дојдоа при Него со еден фатен, кого го носеа четворица;
4. па, како не можеа да се приближат до Него од народот, откако го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Он, ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот.
5. А Исус, кога ја виде верата нивна, му рече на фатениот: „Синко, ти се опростуваат гревовите твои!”
6. Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои:
7. Што хули Овој на Бога? Кој друг може да опростува гревови, освен единиот Бог?
8. Исус веднаш, штом узна со Својот дух, дека тие така мислат во себе, им рече: „Зошто го помислувате тоа во срцата свои?
9. Што е полесно да му кажам на фатениот: ти се простуваат гревовите ли да речам: дигни се, земи ја постелката своја и оди?
10. Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите” – му рече на фатениот -
11. Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома!
12. И тој стана веднаш, па, штом ја зеде својата постелка, се појави пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Никогаш вакво чудо не сме виделе!”