Свето евангелие според светиот апостол Лука
 

 

Свето евангелие според светиот апостол Лука

Календар, житија, пости
Почеток
 

1:1-25;1:57-68;1:76-80

1. Бидејќи мнозина почнаа да пишуваат за настаните, што се случија меѓу нас,
2. како што ни ги предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и служители на словото,
3. намислив и јас, откако испитав сe од почетокот, да ти опишам точно по ред, честити Теофиле,
4. за да ја разбереш основата на учењето, на кое си се учел
5. Во деновите на Ирода, царот Јудејски, живееше еден свештеник по име Захарија, од редот Авијанов; а жена му беше од ќерките Аронови и се викаше Елисавета.
6. И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка.
7. Тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна; а обајцата беа веќе стари.
8. Еднаш, кога тој служеше пред Бога по својот ред,
9. според обичајот на свештениците, нему му се падна ждреб да влезе во храмот Господов и да покади.
10. А целиот народ се молеше однадвор, за време на кадењето.
11. Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник.
12. Захарија се уплаши кога го виде, и страв го опфати.
13. Но ангелот му рече: „Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован.
14. И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање.
15. Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си;
16. и многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог;
17. и тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните – кон разумот на праведните, па да Му приготви на Господа народ совршен.”
18. И му рече Захарија на ангелот: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна.”
19. Ангелот му одговори и рече: „Јас сум Гавриил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радост;
20. и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, оти не поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.”
21. Народот го чекаше Захарија и се чудеше што се забави во храмот.
22. А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем.
23. И штом изминаа деновите на неговата служба, тој се врати дома.
24. По тие дни зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи:
25. Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледа, за да го отстрани укорот меѓу луѓето.
57. А на Елисавета ? дојде времето да роди, и таа роди син.
58. И чуја оние, што живееја околу, и роднините нејзини, дека ја увеличил Господ Својата милост над неа, и се радуваа со неа.
59. На осмиот ден дојдоа да го обрежат младенецот, и сакаа да му го дадат името на татка му Захарија.
60. Но мајка му одговори и рече: „Не, туку да се нарече Јован!”
61. И рекоа нејзе: „Никој нема во твојот род, кој се вика со такво име.”
62. И го прашаа со знаци татка му, како би сакал да го наречат.
63. Тој побара штичка и ги напиша зборовите: „Јован му е името.” И сите се зачудија.
64. И веднаш му се одврзаа устата и јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога.
65. И се уплашија сите што живееја околу; и прикажуваа за сето тоа по целиот крај Јудејски.
66. Сите, што чуја, го зедоа тоа при срце и велеа: „Што ли ќе стане од тоа дете?” И раката Господова беше со него.
67. А Захарија, татко му, се исполни со Дух Свети и пророкуваше, говорејќи:
68. Благословен е Господ, Бог Израилев, оти го посети и избави народот Свој;
76. А ти, младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови;
77. и да го вразумиш народот Негов за спасение, преку проштавање на гревовите нивни,
78. заради големата милост на нашиот Бог, со која нe посети Исток од висините,
79. за да ги просвети оние, што седат во темнина и сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот.”
80. А детето растеше и крепнеше со духот, и остана во пустина до денот, кога им се јави на Израелците.