Пролог: Преподобен Гаврил Велички
 

 

Житие: Преподобен Гаврил Велички

Календар, житија, пости
Почеток
 
Мијалче (подоцна Гаврил Светогорец, Епископ Велички) се родил на 10 март 1926 година, во Штип, од православни родители Методиј (подоцна монах Кирил) и Гора Парнаџиеви. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град. Уште како млад се одликувал со посебна кротост и послушност. Потоа се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград. После дипломирањето, во 1955 година, четири-пет години работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. Покрај работата во училиштето, Мијалче, заедно со својот татко Методиј, работел и како скулптор. Вo 1963 година заминал на Света Гора. За неговиот престој таму директно добил благослов од Игуменијата на Света Гора – Пресвета Богородица. Бил замонашен во грчкиот манастир „Свети апостол Павле“ со монашко име Гаврил. Сето време додека престојувал на Света Гора избегнувал контакти со луѓе. Меѓутоа, неговиот престој таму не траел долго; морал да се врати во својата родна земја. Никогаш не му давал одмор на своето тело – речиси никогаш не спиел, а и кога спиел, секогаш лежел на земја или на тврда рогозина. Иако многу строго постел и бил многу слаб, поседувал голема виталност и енергија. Редовно ги служел сите богослужби во манастирот и непрестајно се трудел во подвигот на умно-срдечната молитва. Тишината и самотијата биле негови постојани сотрудници, затоа и често ги користел двете ближни пештери. Од Бог добил дар на проѕорливост и чудотворство. Во 1981 година, на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, од Синодот на Македонската Православна Црква бил унапреден во архимандрит, а по точно една година бил хиротонисан за Епископ со титула Велички. Иако отсекогаш копнеел и прибегнувал кон тихување, сепак, од послушание прифатил да биде хиротонисан за епископ. Си ја предвидел својата смрт и самиот си отслужил четириесет заупокоени Литургии. На 12 јануари 1990 година, со Евангелието, кое постојано го читал, и со крстот на гради, а во раката – бројаница, мирно Му ја предал својата душа на Бог. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот, покрај својот телесен татко и духовен син, отец Кирил.

Тропар
Светило на Православието, светол столб на подвижниците, од Христа даруван со смирение, отче Гавриле преподобен, срцата на верните по твоите молитви за Христа се отворија, а Дародавецот преку тебе пројави мноштво чудотворства. Радувај се ти, пофалбо на пустиножителите, собеседнику на ангелите, и моли се за сите нас, кои никогаш не нe остави.