Житие: Преподобен Еразмо, монах Печерски
Од родителите наследи големо богатство и целото го потроши за украсување на црквите, особено за посребрување и позлатување на икони. А кога осиромаши и остана без ништо сите го презреа. Ѓаволот му нашепна дека залудно си го потроши имотот: наместо да им го раздаде на сиромасите тој го потроши за украсување на црквите. Еразмо му се подаде на ова искушение и поверува, заради што се презре себеси и падна во очајание, па почна да живее беспатно и беззаконо. Кога му се приближи часот на смртта, се собраа околу него монасите од братството и почнаа да разговараат за неговите гревови, зашто тој беше во бессознание. Одеднаш се исправи во постелата и рече: „Отци и браќа, така е како што велите, но еве ми се јавија Светите Антониј и Теодосиј, а потоа и Пресвета Богородица и ми рекоа дека Господ ми дава уште време за покајание“. Пресвета Богородица му кажала и охрабрувачки зборови: „Сиромасите ги имате на секое место, а моите цркви ги немате“. И поживеа уште три дена, па се покаја и почина во Господ. Свети Еразмо се упокои во 1160 година.
Тропар
Љубејќи го благолепието на домот Божји, штедро си го раздал својот имот заради негово украсување, преподобен Еразмо. Затоа, сега, живеејќи во домот Господов на Небесата, моли се и ние осветени да бидеме, во Господовото живеалиште.