Житие: Светата маченичка Серафима
Девојка од Антиохија. Живееше во домот на една сенаторка Савина, којашто и ја приведе кон верата во Христа. Кога еден мачител на христијаните по име Вирил слушна за неа, нареди да му ја донесат. Пред него Серафима остана непоколеблива во верата, па тој нареди и ја фрлија во затвор, а потоа ? испрати некои момчиња за да преноќат со неа и да ја осквернат. Кога момчињата дојдоа пред затворската врата, Серафима Му се молеше во затворот на Бога. Пред вратата одеднаш застана пред нив ангел Господов со меч во рацете и тие паднаа како мртви, сосем несвесни и раслабени. Утредента мачителот ја замоли Серафима и таа со молитва ги врати во свест. Бидејќи сево ова го припиша на магии, Вирил нареди и оваа Света девица најнапред ја гореа со свеќи, а потоа ја тепаа со стапови. Но додека ја биеја нејзе, едно парче од стап отскокна и го удри Вирил по очите, од што тој ослепе. Најпосле на Христовата слугинка ? ја отсекоа главата со меч и таа го предаде духот на Бога. Благочестивата Савина чесно го погреба нејзиното тело, од коешто потече исцеление за многумина. Света Серафима пострада во времето на царот Адријан (117 г. – 138 г.).
Тропар
Невесто Христова возљубена, Серафимо, наследничке на Небесното Царство, и со крвта твоја облиена, како со царска багреница си се украсила. Спомни си за нас, кои го почитуваме твојот свет спомен.