Житие: Светите Зографски маченици
Кога царот Михаил Палеолог ја склучи злогласната Лионска унија со папата за од него да добие помош против Србите и Бугарите, светоторските монаси му испратија на царот протест против таа унија и совет да ја отфрли и да се врати во Православие. Папата му испрати на Михаил на помош војска. И таа латинска војска влезе на Света Гора и изврши такви вараварства, какви што Турците никогаш не направија за оние петстотини години. Откако го обесија Протатот и убија многубројни монаси во Ватопед, Ивер и по другите манастири, Латините нападнаа на Зограф. Блажениот игумен Тома им објави претходно на браќата оној којшто сака да се спаси од Латините да се засолни надвор од манастирот, а оној што сака маченичка смрт да остане. И така останаа дваесет и шестмина луѓе од кои дваесет и двајца монаси со својот игумен и четворица мирјани, манастирски работници. Сите овие се затворија во манастирската кула. Кога дојдоа Латините ја потпалија кулата, та во оган најдоа смрт оние дваесет и шестмина Христови маченици. Додека кулата гореше тие ги пееја псалмите и Акатистот кон Пресвета Богродица. Своите свети души Му ги предадоа на Бога на 10 октомври, 1283 година. Истата година во декември бедно умре нечестивиот цар Михаил, против кого, а во заштита на Православието, се крена српскиот крал Милутин.
Тропар
Тројновеликите светилници, Богоизбраниот полк на дваесет и шесте отци на Божествената Зографска обител, кои латинската прелест ја изобличија и насилно во оган завршија: Тома пастироначалникот, свештениот Варсануфиј, достојнославниот Партениј и останатите подвижници, собрани со песни да ги почитуваме, зашто тие Пресвета Троица секогаш за нас ја молат.