Житие: Свети Давид Гареџиски
Еден од Тринаесетте отци грузиски (под 7 мај). Наречен така заради Гареџиската Пустина во близина на Тифлис, каде што се подвизуваше. На старост со неколкумина ученици реши да ја посети Светата Земја. Го остави, значи, манастирот да го управуваат старците Лукијан и Додо и тргна на пат. Кога стигнаа до еден рид од кој се гледаше Ерусалим, Давид заплака и рече: „Како да се дрзнам со овие мои грешни нозе да одам по стапките на Богочовекот?“ Па им рече на своите ученици тие, како достојни, да појдат да им се поклонат на светостите, а тој зеде три камења и се врати назад. Но Господ не даде да се сокрие од светот тоа смирение и ангел му јави на Илија, патријархот Ерусалимски и му рече: „Испрати веднаш по старецот што се враќа за Сирија; тој носи три камења, со себе ја однесе сета благодат на Светата Земја, нему за благослов му е доволен еден, нека ги врати другите два во Ерусалим. Тој старец е авва Давид Гареџиски“. Патријархот брзо испрати луѓе да го стигнат старецот Давид и да му ги земат двата камења, а него да го пуштат. Оној третиот камен до денес лежи на неговиот гроб и има чудотворна целебна сила.