Пролог: Свети Јувеналиј, патријарх Цариградски
 

 

Житие: Свети Јувеналиј, патријарх Цариградски

Календар, житија, пости
Почеток
 
Современик на големите светилки на Црквата Христова: Ефтимиј, Теодосиј, Герасим, Симеон Столпник и др. Учествуваше на два Вселенски Собори: на Третиот во Ефес и на Четвртиот во Халкидон и со голема сила и ревност се бореше против богохулните ереси: во Ефес против Несториј којшто Ја нарекуваше Богородица Христородица и во Халкидон против Евтихиј и Диоскор, коишто учеа дека Христос имаше само една природа, т.е. Божествената, без човечката. После победата на Православието на овие два Собори, Јувеналиј се врати на својот престол во Ерусалим. Но иако ересите беа осудени, еретиците не беа истребени. Од сплетките и насилството на некој Теодосиј, пријател на Диоскор, Јувеналиј беше протеран од престолот и Теодосиј самочино се воздигна себеси на неговото место. Овој еретик Теодосиј во прво време го помагаше и царицата Евдокија, вдовицата на царот Теодосиј Помалдиот, којашто се имаше населено во Ерусалим. Колеблива и брзоплета, Евдокија најпосле отиде кај Свети Симеон Столпник да го праша каде е вистината. Божјиот светител ги разобличи сите еретички учења и ја упати царицата да се држи за православното учење како што е утврдено на Соборите. Царицата го послуша, се покаја и самата се озлоби против лажниот патријарх Теодосиј. Тогаш во Цариград владееја Маркијан и Пулхерија. Царот му испрати писмо на војводата Атанасиј да го протера Теодосиј и на престолот да го врати Јувеналиј, како што набрзо беше и направено. Јувеналиј управуваше со ерусалимската Црква триесет и осум години како поглавар и во длабока старост се престави кај Господ за да ја прими од Него наградата за пребројните маки и неволји што ги претрпе за вистината. Во времето на Свети Јувеналиј беше утврдено празнувањето на Божик на 25 декември.

Тропар
Ревносен Божји пастиру, Јувеналие свети, поради достоинството твое и исповедањето на верата чиста и непорочна, поради непреклонување на глава пред еретичките заблуди, но најмногу поради молитвите кон Бога принесени, умножи Спасителот многу лета во животот твој земен, за мноштво души да бидат приведени во познание на вистината. Господи, слава Ти.