Житие: Свети Јона, архиепископ Новгородски
Роден е во Новгород и рано остана сираче. Го зеде една богобојазлива вдовица и го воспита. Клопскиот јуродив Михаил, кога го виде како дете му прорече: „Иванушка, учи се усрдно, зашто ќе бидеш архиепископ во овој голем Новгород“. И навистина, подоцна, по смртта на архиепископот Ефтимиј, овој Јона беше избран и посветен на негово место. Јона беше милостив и благочестив како ретко кој смртен човек. Подигаше цркви и манастири и пастирствуваше како добар пастир. Му беше понудена Столицата на Московскиот митрополит. Но тој одби, изговарајќи се со староста. Се упокои мирно на 5 ноември, 1570 година. Сто години по неговата смрт имаше голем пожар во Новгород. Насред пожарот моштите на овој светител не изгореа, туку напротив, после тоа почнаа да пројавуваат исцелителна сила и прекрасно благоухание.
Тропар
Смирението во детското тело се покажа добродетелно, во мажественоста на монашката горостасност, о Јоно свет подвижниче. Љубовта Христова со која се напои те покажа како пастир богомудар, кој душа положи за овците свои. Нетленоста на моштите твои ја сведочи слободата која пред Бога ја доби, затоа моли се, свет оче, за нашето спасение.