Житие: Светиот пророк Михеј II
Од племето Јудино, а од селото Мориси, заради што го нарекуваа Морисиќанец. Современик на Пророците Исаија, Амос и Осија и на јудејските цареви Јоатам, Ахаз и Езекија. Ги изобличуваше пороците на својот народ и лажните пророци коишто пророкуваа „за вино и жесток пијалок“. Ја претскажа пропаста на Самарија. Ја претскажа и пропаста на Ерусалим, којашто ќе дојде зашто поглаварите негови ќе земаат мито, свештениците ќе учат за плата, а неговите пророци ќе гатаат за пари. „Затоа, заради вас, Сион ќе се преора како нива и Ерусалим ќе стане како купиште.“ Но од сите негови пророштва најважно е пророштвото за Месијата, особено за местото на Неговото раѓање. Тој го именуваше Витлеем како место на раѓање на Месијата, на Кого исходот му е од почетокот, од вечните времиња. Не се знае точно дали и овој пророк беше убиен од Евреите или умре со мирна смрт (Еремија 26, 18-19). Но се знае дека беше погребан во неговото родно село и дека моштите му ги пронајдоа заедно со моштите на Пророкот Авакум, во времето на царот Теодосиј Велики, според некое таинствено откровение што го имал Елевтерополскиот епископ Зевин.
Тропар
Пророче Божји, Михеј свети, ти кој волјата Господова до луѓето ја приближи, опомени за непослушности донесе, синовите на непокорноста да се исправат помогна, и многупати покажа дека човек непријател си е сам на себеси кога слово за спасение отфрла. Моли се, Божји човеку, до полезното да се придржуваме и од гордоста да се ослободуваме.