Житие: Светиот маченик Теодор и другите со него
За верата Христова пострада во Перга Памфилиска во времето на царот Антонин. Теодор беше млад и со убаво лице. Кога намесникот на таа област го избра заедно со други момчиња, за да ги испрати на служба во царскиот дворец, Теодор се спротивстави и изјави дека тој е христијанин. За ова беше мачен со разни маки, а потоа фрлен во оган. Но од земјата изби вода и го угаси огнот. Намесникот ова им го припишуваше на некои Теодорови магии. А маченикот му рече: „Ова не е дело на мојата сила, туку на мојот Бог Христос; а ако сакаш да ја познаеш силата на твоите богови запали друг оган, па фрли во него еден од твоите војници и се надевам ќе ја познаеш нивната сила и семоќта на мојот Бог.“ Намесникот сакаше навистина да фрли еден од војниците, но тие во страв го молеа да го фрли жрецот Диоскор наместо нив. Жрецот пак молеше да го фрлат самиот идол Ѕевс и останатите идоли, па ако се богови, тие лесно ќе се спасат самите себеси. Диоскор ова го рече бидејќи откако го виде чудото со Теодор веќе беше со срцето обратен кон Христа. Кога дозна за ова, намесникот го осуди Диоскор на смрт и го запали. Исто така го предаде на смрт и Теодор со двајца војници, Сократ и Дионисиј и мајката на Теодор, Филипа. Теодор го распнаа на крст, на којшто тој издивна дури третиот ден. Сократ и Дионисиј ги прободија со копје, а Филипа ја убија со меч. Сите стекнаа венци на слава во царството Христово.