Житие: Свети Михаил, епископ Синадски
Овој свет и мудар јерарх од детството се посвети себеси на служба на Бога. Се подвизуваше заедно со Свети Теофилакт Никомидиски. Еднаш во време на суша овие двајца светители со своите молитви низведоа изобилен дожд на земјата. Заради неговиот подвижнички и девствен живот, уште од неговата рана младост патријархот Тарасиј го посвети за епископ Синадски. Учествуваше на VII Вселенски Собор. По желба на царот одеше кај калифот Харун-ал-Рашид заради мировни преговори. Во времето на злобниот Лав Ерменин беше симнат од архиерејскиот престол и испратен во прогонство заради иконопочитување. Таму умре во беда и сиромаштија, останувајќи му докрај верен на Православието. Во царството на Царот Христос се пресели во 818 година.
Тропар
Иако жедта на душата за Љубовта Божја е поголема од потребите на телото, ти отче Михаиле, од Бога измоли напојување на сувите усти човекови, но Бога Го прослави, кога силно застапувајќи се за светите икони, славата од овој свет пред нозете на еретиците ја положи. Исповедувајќи дека Бог се овоплоти, и нам изобразените икони како прозорци кон вечноста ни ги остави, ти отче двоен венец од Владиката прими, сега за нас моли се, исповедниче, да достигнеме небесна висина, со душа налик на Неговата Икона.